| четврток, 6 декември 2018 |

Парични казни за некултурните пратеници

Буџетот да се гласа во претпоследниот четврток во декември, собранието да има свое обезбедување, парични казни за некултурните пратеници, неутрална зона околу парламентот, се дел од правните барања на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се бара измени во Законот за собрание, Кривичниот законик и во Деловникот на парламентот.

СДСМ смета дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараат измени во Законот за собрание, Кривичниот законик и во Деловникот на парламентот, е отстапка од договореното и обид да се блокира работата на групата за Извештајот од 24 декември.

Измените според планираното, ќе бидат доставени до пратениците кои учествуваа во работната група што работи на препораките од Извештајот за 24 декември, а откако ќе се „испеглаат” разликите, да им бидат доставени до пратениците на гласање.

Владејачката партија предлага собраниските анкетни комисии да имаат рок за работа и да има процедура како да се повикуваат сведоци и што да се направи, доколку не биде донесена одлука.

Предлагаме буџетската постапка во парламентот да трае три месеци. Предлог-буџетот да ни биде доставен на три месеци пред истекот на фискалната година. Во постапката за буџетот предлагаме да има план за работа, расправа за општиот и амандманскиот дел, како и точно утврден ден, поточно претпоследниот четврток од декември. Да има посебни седници за буџетот. Секој пратеник да има 20, координаторот на пратеничката група да може да говори 30 минути, а предност во расправата да имаат членовите на работните тела од Комисијата за финансирање и буџет – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Амандманите би можело да се поднесуваат најмалку три дена пред амандманската расправа, а не два дена, како што е до сега.

– Во Етичкиот кодекс се предвидува казни за пратениците кои ќе се однесуваат несоодветно и некултурно, ќе навредуваат или ќе омаловажуваат колега. Казните ќе бидат во три чекори. Првата казна ќе биде опомена, втората опомена пред исклучување од седница, а третиот чекор ќе биде отстранување од седницата во траење од еден до пет дена и парична казна од пет проценти за секој казнен ден – вели Димовски.

За СДСМ ваквите измени се отстапка од договореното во работната група формирана за спроведување на заклучоците од Ад хок комисијата за настаните од 24 декември.

По две недели работа и три средби претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го променија своето мислење, однесување и договор со кој заеднички функциониравме и во таа смисла се договоривме да работиме на два приоритета, а тоа е буџетот и корекција на ограничување, временски и скратени постапки. Тие вчера изненадувачки го променија своето мислење што е прилично несериозно и неодговорно за работа на работна група во која сите одлуки се носат со консензус. СДСМ смета дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кријат политички маневар за потенцијално блокирање на работата на работната група и непостигнување на консензуален договор – рече Игор Ивановски, член на работната група.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ вели дека ако се случи тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде одговорна за негативните критики што Македонија ќе ги претрпи од Брисел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top