Комесарот Штефан Филе говорот на денешната конференција посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија го подели на пет точки. Притоа, тој истакна зачуденост што наместо да ги убедува земјите-членки, повеќе време троши во убедувањето на земјите-кандидати да ја стават европската агенда пред домашните работи.
– И покрај бројните тешкотии со кои земјите-членки на ЕУ се соочуваат, како недовебрата во Еврозоната и задачите што ги имаат за да излезат од сегашната криза и да се обезбеди она со кое се соочвуаме да не се повтори, сепак имаме поволен момент во проширувањето што не е резултат на некој автоматизам како некои велат, туку резултат на политички процес кој го спроведуваат самите земји-кандидати, но и земјите-членки на ЕУ. Важно е да се одржи таквиот поволен момент што го создадовме во 2012 година, истакна Филе, додавајќи дека од особена важност за целиот Западен Балкан е да се одржува континуитетот на процесот на пристапување.
Како втора точка тој истакна дека сега се посветува внимание на нов концепт, а тоа е придвижување од технички кон суштински аспект на проширување, посочувајќи дека сега се почнвуа веднаш со отворање на главните поглавја 23 и 24.
При објаснувањето на третата точка во својот говор, еврокомесарот за проширување на Унијата истакна две нови хоризонтални прашања.
– Прво, нема рапсоложение меѓу земјите-членки да увезуваат отворени прашања во ЕУ, а второ е дека нема расположение кај земји-членки да се дозволи отворените билатерални прашања да експлодираат во текот на преговорите за пристапување. Затоа имаме темелна дискусија со партнерите од Западен Балкан за листата на конркетни отворени прашања и на нашата агенда годинава е наоѓање на начин како паралелно со процесот на пристапување во агендата за проширување, да се решаваат и тие прашања, дали со помош на арбитража како во случајот со Словенија и Хрватска, а тука и Европскиот суд на правдата во Хаг, истакна Филе, кој како втор пример го посочи усогласувањето со европското законодавство на кандидатите во однос на економијата.
Како четврта точка, Филе ги истакна одлуките од Европскиот совет од декември минатата година како солидна основа за овој поволен момент за да продолжи моментумот со придвижување на процесот на проширување. Во овој контекст ги посочи извештаите што во средината на април ќе ги направи Комисијата за Србија, Македонија и Косово, со што ќе има време до јунскиот Самит на Европскиот совет нашата земја и Србите да почнат преговори за членство.
– Како последно, ќе говорам за поволниот момент во проширувањето и да бидам искрен, мислев дека главна задача ќе ми биде да изнесам пред земјите-членки дека проширувањето треба да биде во нивен фокус, а всушност јас ги поттикнувам земјите-кандидати да го одржат овој поволен момент!? Штета е што нашите партнери од Западен Балкан ги ставаат домашните прашања над европското проширување и интегрирање, заврши Филе.
Претседателот на парламентарното Собрание на ОБСЕ, Рикардо Миљори, повика во никој случај да не биде укинат безвизниот режим за земјите од Западен Балкан, посочувајќи дека клучно за безбедноста и соработката во Европа е овие земји да се приклучат кон ЕУ.
– Ги поздравувам напорите на медијаторот Метју Нимиц за решавање на проблемот што го има Македонија, а мислам и дека баронесата Ештон би можела да почне да мисли за политика втемелена на решавање на европските проблеми, вклучително и на овој и тоа не е надвор од возможното и не е комплексно. Поради неможноста да се реши ова прашање со БЈР Македонија, ЕУ станува предмет за потсмев, истакна Миљори, кој својот говор го заврши со порака дека „Европа и светот ќе живеат во мир ако има мир на Балканот!“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.