Како што влезе „Етихад ервејз“ од Обединетите Арапски Емирати во Србија, и во Македонија двајца странски инвеститори се заинтересирани за формирање македонска авиокомпанија, објави Нова Македонија.
Како што пишува весникот, ако во Србија арапската авиокомпанија влезе со свој капитал во веќе постојната „ЈАТ ервејз“, кај нас ќе треба со капиталот на странците да се формира нова домашна авиокомпанија која ќе користи македонски пилоти, авиомеханичари и кабински персонал.
Според директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Дејан Мојсоски, двете компании чии имиња се држат во тајност заради етичкиот принцип во бизнисот за чување деловна тајна, веќе најавиле дека би инвестирале во македонскиот авиосообраќај, односно во формирање домашна авиокомпанија.
Нова Македонија пишува и дека со оваа најава за странски вложувања во авиобизнисот во нашата земја, каде што во последните седум-осум години (по згаснувањето на МАТ) немавме респектабилна авиокомпанија, Владата ја почнува втората фаза од развојот на македонскиот авиосообраќај. Со неа се очекува да се оди на формирање сопствен, македонски авиопревозник, но со странски капитал.
Во претходната прва фаза, како што истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во 2008 година бил потпишан договорот за концесија, развој, финансирање, користење и одржување на аеродромите со компанијата ТАВ, а оттогаш непрекинато се реализираат активности за стимулирање на развојот на цивилното воздухопловство во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.