| четврток, 6 декември 2018 |

Ги уценувал со нивната ќерка – ако не му дале пари сосила ќе ја мажел во Белгија

azilanti

Прилепчанец ја искористил сиромаштијата на четиричлено семејство кое барало азил во ЕУ и сосила им ја грабнал малолетната ќерка за да прислино ја омажи во Белгија. Тој го однел семејството до Унгарија, а потоа ги уценувал.

Во соопштението на МВР се вели:

„Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти во соработка со СВР Битола – ПС Прилеп, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето Р.С. (54) од Прилеп, поради постоење на основано сомнение дека искористувајќи ја лошата економска положба, врбувал, организирал, превезол и засолнил четиричлено семејство од Прилеп, потенцијални баратели на економски азил во земјите на ЕУ, а притоа, присилно без дозвола од родителите ја одземал нивната малолетна ќерка со цел склучување на присилен брак со НН лице во Белгија.

На овој начин, пријавениот ги сторил кривични дела „Злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор“ по чл. 418-д и „Трговија со малолетно лице“ по чл.418-г ст 1 од КЗ на РМ. Имено, пријавениот искористувајќи ја лошата економската состојба на сeмејство од Р.Македонија, ги убедил дека како економски мигранти во земјите на европската унија ќе ја подобрат својата материјална положба, при што им понудил, тој да им плати за издавањена патните документи и да ги транспортира до Белгија, а парите да му ги вратат на рати, од парични средства кои ќе ги примаат кога ќе добијат статус на азиланти. По прифаќањето на понудата, семејството во организација на пријавениот во три наврати се обидело да оствари излез од Р.Македонија, но од страна на македонските погранични органи, не им бил дозволен излез, согласно чл. 15 став 4 од Законот за гранична контрола.

По ова, Р.С. преку туристичка агенција од Прилеп обезбедил ваучери за хотелско сместување во Унгарија – Будимпешта, по што истите на ден 10.04. годинава, со возило управувано од негова страна, заедно се упатиле кон Будимпешта, каде останале два дена, а од тука продолжиле во Белгија, каде пријавениот ги сметил кај свои роднини. Наредниот ден, Р.С. им побарал да му ги исплатат парите за организацијата и транспортот до Белгија или во спротивно ќе ја омажи нивната ќерка за НН лице (16-17 години) чии родители претходно на пријавениот му платиле парични средства во износ од 5000 евра, за да им обезбеди невеста од Македонија. Бидејќи семејството немало да му ги врати паричните средства, Р.С. присилно им ја одзел малолетната ќерка и ја предал на НН лицата кои „платиле за невестата“, по што заедно се упатиле во непознат правец. Наредниот ден Р.С. им организирал транспорт со автобус од Белгија за Германија – Дортмунд, каде ги чекало НН лице кое требало да ги однесе до местото каде истите требало да бараат азил. Во Германија како баратели на азил семејството останало се до 03.08. годинава, кога во консултација со адвокат од Германија, им било советувано дека во врска со случајот со нивната ќерка ќе биде подобро да се вратат во Македонија и да побараат помош од институциите на матичната држава, по што истите доброволно се вратиле во Р.Македонија.

По враќањето во Р.Македонија, случајот го пријавиле во полиција, по што од страна на ЦСОСК – ЕТЛКМ и ПС Прилеп, се преземени мерки за расчистување на случајот и обезбедување на потребни докази. Пријавениот е лишен од слобода и со кривична пријава е предаден на истражен судија, од чија страна му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Од страна на МВР во тек е постапка за пронаоѓање на малолетната жртва на територија на Белгија.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top