| четврток, 6 декември 2018 |

Горивата пак поскапуваат?

benzin poskapuvanje

По поскапувањето на горивата пред две седмици за еден денар, денеска се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе нова одлука за корекција на цените на бензините. Ако се следи трендот на поскапување на горивата во соседството, тогаш се очекува дека и кај нас цената на горивата ќе оди во нагорна линија, заклучува порталот Лидер.

Во Хрватска минатата недела горивата значително поскапеа, исто се случи и во Србија, а од утре поскап бензин ќе користат и граѓаните во Црна Гора. Останува да ја почекаме одлуката на РКЕ и да видиме дали и колку ќе постапат горивата кај нас?

Цената на барел сурова нафта на лондонската берза минатата недела скокна за 22 центи или на 115,48 долари, додека на американскиот пазар се тргуваше за 34 центи повисока цена од 108,71 долари.

Изминатите седмици, нафтените пазари беа зафатени од загриженост дека можната воена акција во Сирија може да предизвика ширење на немирите на целиот Блиски исток и ќе предизвика нови потреси во набавката од арапските земји, каде се произведува третина од светската нафта.

Растот на цените на пазарите го зголемија притисокот на американскиот конгрес врз претседателот Барак Обама, да се откаже од воена акција во Сирија, што според нивното мислење ќе има негативно влијание на светската економија и ќе го поттикне растот на цената на нафтата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top