Министерот за надворешни работи Никола Попоски присуствуваше на работниот појадок приреден од словенечкиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Карл Ерјавец Било разговарано за иднината на Европа и политиката на проширување на Европската унија.
Според МНР, Попоски посочил дека и покрај фактот што апетитите за проширување на ЕУ се намалени, сепак политиката на проширување треба да продолжи затоа што тоа ја прави Европа посилна и повлијателна.
На маргините на Бледскиот стратешки форум Попоски остварил посебна средба со Колинда Грабар, помошник на ГС на НАТО за јавна дипломатија. Во оваа прилика, тој изразил задоволство од претстојната посета на Грабар во Македонија во текот на овој месец. Попоски уште еднаш ја реафирмирал активната улога на Македонија и контрибуција кон НАТО преку придонесот кој го даваме во Авганистан во рамки на ИСАФ. Во оваа насока потенцирал дека Македонија е подготвена да нуди техничка асистенција во Авганистан и по 2014 година.
Попоски се сретнал и со Ерик Берглоф, специјален советник на претседателот на ЕБРД, при што изразил задоволство за досегашната соработка и поддршка на ЕБРД во контекст на финансирањето на повеќе од 60 проекти во приватниот и јавниот сектор. Во овој контекст Попоски упатил очекување дека соработката ќе се интензивира и дека тековните проекти финансирани од ЕБРД ќе се имплементираат во сите приоритетни сектори детерминирани од ЕБРД Стратегијата за Македонија за периодот 2011-2013, соопшти МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


