На првата средба на Работната група за имплементација на препораките од ад хок комисијата за 24 декември утврдени се агендата и динамиката за работа на групата која ќе се среќава најмалку двапати неделно, а за своите потреби и поефикасно завршување на задачата ќе ангажира стручна служба од Собранието, но и експерти од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Било навлезено и во препораките. На наредната седница, рече претседателот на групата Илија Димовски, треба да се дефинираат начелните заклучоци за ефикасност на препораките со посебен осврт врз оние со назнаката „итност“.
Има некои приоритети за корекција, но, вели Димовски, не можат да се издвојат посебно Деловникот и Законот за Собранието.
– Со целосниот пакет и да сакаме до октомври не е возможно да стигнеме заради тоа што за многу од препораките ќе треба сериозни и компаративни искуства така што, не е возможно се да завршиме до октомври. Но, секако дека го имаме во предвид рокот за промовирање или за објавување на извештајот на ЕК и ќе се обидеме нормално во овој нареден период и да покажеме дека навистина политичката волја која што ја кажуваме ќе ја преточиме и во конкретни активности, рече Димовски.
Временска рамка за одредени прашања сепак ќе има, рече Неџати Јакупи, кој оцени дека атмосферата во работната група е коректна и конструктивна.
– На постапката за усвојување на буџет која што знаете препораката е да таа биде три месеци пред завршување на календарската година, односно ние ќе треба да имаме измени на Деловникот и на Законот за Собрание пред 1 октомври, рече Јакупи.
Според Игор Ивановски, Комисијата ќе работи на сите препораки и може до есенскиот извештај да заврши поголем дел од задачата. СДСМ, рече тој, е целосно подготвен да ги запази временските рокови и да се фокусира на препораките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


