Владата не побарала да му се изрече мерката притвор на новинарот Томислав Кежаровски, не влијаела врз надлежните судии во одлучувањето по оваа мерка, ниту може да влијае таа одлука да се измени или да се дозволи посета на новинарот Кежаровски во затворот, се вели во писмото на премиерот Груевски до претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.
“Начелото на поделба на власта не дозволува извршната власт да интервенира и да дерогира одредени судски одлуки, колку и да не се согласува со истите и колку и таквите одлуки да можат да наштетат на имиџот на земјата“, објаснува Груевски во одговорот до ОБСЕ на нејзиното писмо во кое се бараат одговори за случајот на притворениот новинар на „Нова Македонија“.
Од истите причини, оценува Груевски, „непримерно е да барате асистенција од мене, како претседател на Владата, да Ви се дозволи да го посетите г. Кежаровски во притвор“, затоа што “секоја интервенција на извршната власт би го поткопала уставниот поредок на земјата и би ги загрозила основните вредности на едно демократско општество“. Премиерот прецизира дека „посетата на притвореници е прецизно регулирана со Законот за кривична постапка, каде што таксативно е наведено кој може да посети притворено лице“.
Во писмото Груевски објаснува дека Кежаровски не е притворен поради своето пишување, туку затоа што е обвинет за повреда на Законот за заштита на сведоци, што е пропишано како кривично дело во наведениот закон. Премиерот потсетува дека и Хашкиот трибунал покренал постапки и осудил четворица новинари за откривање на идентитет на заштитен сведок.
„И покрај тоа што поедини структури се обидуваат да го исполитизираат овој предмет, и покрај тоа што истиот може да се злоупотреби за нарушување на имиџот на Република Македонија, Владата принципиелно ќе продолжи да се држи на страна но и внимателно да го следи текот на судската расправа по овој предмет, бидејќи тоа е единствениот правилен и можен начин за постапување“ – смета премиерот Никола Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии




