Двајца скопјани се осомничени за разбојништво врз старец од населбата Ченто, но иако тој починал по нападот, барем засега, не се осомничени и за убиство.
СВР-Скопје, до надлежното ОЈО-Скопје поднесе кривична пријава против шест лица: Е.С. (18) и Џ.И. (30), поради постоење основано сомневање дека извршиле кривично дело -“разбојништво“ , предвидено и казниво согласно чл.237 и од КЗ на РМ; потоа против И.Б. (20) и Ф.И. (26) поради постоење основано сомневање дека извршиле кривично дело – “помагање“ – предвидено и казниво согласно чл.24 од КЗ на РМ и против С.Д. (46) и А.М. (27) поради постоење основано сомневање дека извршиле кривично дело – “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, предвидено и казниво по член 396 од КЗ на РМ.
Тие се пријавени во врска со настанот од почетокот на неделава, поточно на 24 овој месец кога по претходно пријавување од страна на роднини на сега починатото лице Шуќо Ќ. (77) тој е пронајден мртов во својот дом на улица “Жегљане“ во Скопје.
Имено на 24-ти во 17,15 внуката на починатиот при посета на куќата сопственост на Шуќо Ќ. во која тој живеел сам, приметила дека влезната вратае насилно отворена а во претсобјето го пронашла неговото беживотно тело. По пријавувањето на настанот веднаш е излезено на лице место а смртта е констатирана од страна на екипа на ИМП.
По преземените мерки и активности за расчистување на случајот констатирано е дека претходниот ден, 23-ти околу 22,30 часот, откако третопријавената која работела како чистачка во куќата на Шуќо Ќ. ја опишала куќата и другите околности, прво и второпријавениот со намера да стекнат противправна имотна корист дошле во наведеното време и со употреба на погоден предмет-штрафцигер и физичка сила направиле кршење на влезната врата од куќата, влегле внатре и почнале да претураат по собите, со намера да пронајдат парични средства. Во еден момент, во една од собите, забележале дека спие сега починатиот, кој во тој момент се разбудил и станал, по што второпријавениот го фатил за рацете, а првопријавениот, со употреба на физичка сила, со бокс го удрил двапати во пределот на главата, по што истиот останал да лежи на креветот, а второпријавениот продолжил да зборува со него укажувајќи му дека се дојдени по пари и барал да им ги даде парите што ги има. Сега починатиот им рекол дека има само 1.100 денари и истите се во џебот од кошулата. Додека второпријавениот разговарал со Шуќо, првопријавениот пребарувал низ собата при што ги нашол парите (1.100 денари) и еден пиштол марка „VZOR-50“. Откако пребарале се, го оставиле сега починатиот да лежи на креветот а двајцата избегале од куќата. Со извршеното дејствие, прво и второпријавените сториле кривично дело – “разбојништво“ а третопријавената кривично дело “помагање“.

По извршување на кривичното дело Е.С. и Џ.И. му се јавиле телефонски на Ф.И., кој дошол со ПМВ комбе ги зел од местото на извршување на делото и сите заедно заминале во домот на четвртопријавениот С.Д., каде што тој ги прикрил. По неколку дена Ф.И. за сума од 300 евра му го продал украдениот пиштол на С.Д.. Парите добиени од продажбата на пиштолот меѓусебе ги поделиле Ф.И.. и Џ.И.
Од страна на ЕИНМВ извршен е увид, и при истрагата, одземено е еден пиштол марка „VZOR-50“, еден празен оквир за пиштол,35 (триесет и пет) куршуми, кожна фотрола за пиштол и истите се предадени во ОКТ при МВР на РМ за вештачење. Инаку според крим евиденцијата на СВР Скопје само трето пријавената И.Б. и шестопријавениот А.М. не минуваат во полициската евиденција додека останатите четворица се и порано кривично пријавувани и за некои од делата веќе им биле изрекувани затворски казни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



