Македонија и годинава со своја програма ќе учествива на Франкофонските игри и ќе биде дел од програмата која ќе се реализира во францускиот град Марсеј, кој годинава е европски град на културата.
– По Истанбул, Талин, Марибор, оваа година ќе бидеме присутни и во Марсеј, каде што на 5 септември свечено ќе биде отворена изложбата на традиционални носии и накит од Македонија на НУ Музеј на Македонија. Оваа изложба, која веќе успешно беше претставена и во Брисел, оваа година ќе биде извонредна можност посетителите во Марсеј да се запознаат со македонското богатство на различностите, со препознатливите вредности на рачно изработени македонски носии со богат колорит и везени декорации кои ја отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи. Отворањето на изложбата ќе биде збогатено и со настапот на Зоран Маџиров, чијшто настап минатата година во Марибор беше забележан како еден од најуспешните на манифестацијата. Верувам дека неговото музицирање и поигрувањето со ритмите на површината на стаклените шишиња ќе биде вистинска атракција за посетителите во Марсеј – информираше на вчерашната средба со новинарите министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Најмасовната културна манифестација во светот по Олимписките игри, се Франкофонските игри, каде што годинава ќе учествуваме по четврти пат.
– Оваа година, по четврти пат, Република Македонија ќе биде присутна и на Франкофонските игри кои се најмасовна спортска и културна манифестација во светот, по Олимписките игри. Како што знаете, Република Македонија од 2006 година е официјално членка на меѓународната организација на Франкофонијата и ова наше учество е навистина убава можност да дадеме свој придонес во остварувањето на целите на организацијата и развивањето на дијалогот меѓу културите. Оваа година меѓународното жири и националниот селектор од Париз селектираа неколку уметници кои Република Македонија ќе ја претставуваат на 7. Франкофонски игри во Ница. Својата креативност и индивидуалност пред жирито и своите колеги од 70 земји од светот ќе ја презентираат уметникот Ѓорѓе Јовановиќ (фотографија), Горан Менков (сликарство), Ана Ивановска (скулптура-инсталација), Индиго квартет и Искра Шукарова (танци), Студио Брејк а лег (хип-хоп) и групата Д-Џон (музика) – рече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


