Недостигот од финансии не е секогаш главната пречка за почнување сопствен бизнис. Ова е главното мото на младите и талентирани луѓе што решиле да отворат своја компанија, главно од индустријата за информатичка технологија.
Искуствата на фирмите кои зародишот го бараат во просториите на Фондацијата ПСМ покажуваат дека новоформираните бизниси најчесто почнуваат со сопствени средства бидејќи во Македонија речиси не функционираат алтернативни начини на финансирање.
– Она што функционира во светот, тоа е мрежа на бизнис-ангели, фондови за почетен бизнис, кои, за жал, кај нас и во регионот не функционираат. Така што сите компании што постојат кај нас, почнуваат бизнис со свои средства и реинвестираат сѐ што ќе остварат како приход, нема поделба на профитот, реинвестираат во компанијата, набавуваат нова опрема, се шират, вработуваат нови луѓе – вели Љупчо Деспотовски, директор на Фондацијата ПСМ.
Според профилот на новосоздадените компании, очигледно е дека најмногу ветуваат бизнисите што се насочени кон информатичката технологија затоа што не се физички зависни од локацијата, а ветуваат и висок потенцијал за раст на бизнисот. Деспотовски објаснува дека во последниот период се фокусираат и на почнување мобилни бизниси, мобилни апликации, паметни телефони и таблети… Во таа дејност е и компанијата „Кодвел“, која е формирана од двајца млади ентузијасти, а препознатлива е по мобилната апликација за добивање информации во врска со јавниот превоз во земјава.
Според искуствата, за почнување една реална претприемачка иницијатива се потребни од две до 10.000 евра, кои, вообичаено, фирмите ги обезбедуваат од сопствени средства. Но, колку државата им помага на фирмите во зародиш?
– Имаме поволна деловна клима, но потребна е и добра инфраструктура за да ги мотивира луѓето да почнат свој бизнис. На листата на Светска банка ние сме на четвртото место за почнување бизнис, но треба да се работи на создавање инфраструктура за помош на оние што сакаат да почнат бизнис, како донации кои ќе бидат само за почеток на бизнис – вели Деспотовски.
Светската практика покажува дека 70 проценти од новоформираните фирми во светот пропаѓаат во почетната фаза или во првите две години од основањето. Поради тоа, стручњаците порачуваат отворање на што поголем број центри и инкубатори што ќе им помагаат на компаниите за премостување на пречките што ќе им се појават на патот.
Профил на компании
Доколку се анализира профилот на компаниите што се отвораат во Македонија, ќе се види дека сѐ уште е најлесно да се отворат фирми што работат со трговија иако тие имаат најголеми шанси да пропаднат. За најстабилни бизниси во Македонија сѐ уште се сметаат оние од областа на здравствена и социјална заштита и енергетика. Ова го потврдуваат и од Централен регистар, чија евиденција покажува дека со години претприемачите во земјава се одлучуваат за почетен бизнис во трговија на големо и на мало. Факт е дека отворањето трговски фирми секогаш е полесно без разлика дали одговара на реалните потреби на стопанството или, пак, на пазарната логика.
Ваквата практика е особено изразена во време кога се заострени условите на банките за кредитирање. Поголемото производство бара повеќе средства, маркетиншки истражувања, барање пазари. Наспроти ова, услужниот сектор поминува со помали инвестиции, а нуди брз поврат на средствата.
Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ), смета дека присуството на странските компании во земјава ќе придонесе за промена на профилот на фирмите што се отвораат.
– Секако дека трендот на студирање на техничките науки треба да помогне во подигнување на нивото за застапеност на индустријата во компаниите од корисничка филозофија да преминеме на производство оти без тоа не може да егзистира една држава, а во иднина тоа ќе се случува – вели Миле Станковски, декан на ФЕИТ.
Стручњаците многу пати истакнале дека треба да се инвестира во бизнис каде што додадената вредност е поголема и поисплатлива. Но, ако се земе предвид податокот дека само пет проценти од научните истражувачи во земјава работат во приватниот сектор, може да се воочи дека недостигот од кадар е сериозен проблем за домашната економија.
– Синоќа ми се јави колега од Германија што бара, ако отвори фабрика, 300 инженери и прашуваше кој е годишниот број на студенти што дипломираат. Лани имавме 330 инженери што дипломираа на електротехника и 100 магистранди. Бројот од 430 дипломирани, за наши услови, е добар – вели деканот Станковски.
Статистиката покажува дека само во периодот од 2005 до 2010 година, во секторот услужни дејности се вработиле 50.000 луѓе, додека во производство 33.000.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


