Заживува Источна Македонија, оцени вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески при посетите Пробиштип и Македонска Каменица каде промовираше големи проекти.
Во Пробиштип се отвори новиот градски пазар вреден околу 70 милиони денари. Владата, посочи, во таа насока реализира повеќе проекти.
– Еден од најзначајните проекти кои во моментот се реализираат и кој набрзо ќе биде готов е патниот правец Пробиштип – Свети Николе. Остануват да се завршат уште 300 метри. Се довршува и патниот правец Пробиштип – Злетово, од кој треба да се довршат уште 800 метри па да се пушти во употреба. Со заем од Светска банка ќе се реконструира и улицата „Јоаким Стојковски“. Вредноста на овој проект е 30 милиони денари, а со овие средства оваа улица од 1,2 километри ќе добие нов лик. Преку владините проекти преку Агенцијата за спорт и млади се гради едно повеќенаменско игралиште и едно двојно тениско игралиште, рече Ставрески.
Наскоро се очекува и почетокот на втората и третата фаза од најголемата инвестиција во источна Македонија, хидросистемот „Злетовица“. Овој проект, според вицепремиерот, е од големо значење за економијата на општина Пробиштип бидејќи ќе значи нови вработувања, но и поддршка во земјоделството и обезбедување со енергија.
– Со првата фаза се обезбеди вода за пиење на 200.000 жители, додека со втората и третата фаза ќе се обезбеди вода за наводнување на земјоделските површини, но предвидена е и изградба на хидроцентрали, рече Ставрески.
Повеќенаменското игралиште во Македонска Каменица, кое е од проектот на Владата „100 повеќенаменски игралишта“ беше предадено во употреба. Го градеше Агенцијата за млади и спорт на површина од 1.100 метри квадратни во вкупна вредност од седум милиони денари.
-Децата се нашето богатство и за нив ниедна инвестиција и средства што ќе се потрошат не се многу, рече министерот. Владата на Република Македонија многу инвестира и во физичката активност од причина што сметаме дека го заслужуваат тоа. Во ова динамично време, време во кое многу полесно е децата да потпаднат под некои пороци отколку да излезат на здрав пат и затоа секој родител знае каде треба детето да го поминува слободното време во слободни активности и спортски активности, додаде Ставрески.
Потсетувајќи дека петходно е отворен нов коп на рудникот „Саса“ рече дека Владата во голем дел ги поддржува проектите што се реализираат во оваа општина и оти така ќе биде и во иднина.
-Ние бевме тука и кога требаше да се обезбедат средства за реконструкција на водоводната мрежа, да се заменат азбестните цевки со цевки поволни за здравјето на луѓето и кога треба да се инвестира во училиштата, а едно такво модуларно училиште наскоро ќе биде изградено во едно од околните села на општината. Тука сме и за реконструкција на улиците, за реализација на крупни проекти ако се искаже потреба, истакна вицепремиерот додавајќи дека наредната година ќе се реконструира делницата од патниот правец Кочани – Македонска Каменица, акумулацијата „Калиманци“, а ќе има инвестиции и во други области кои ќе го подобруваат животот на граѓаните на Македонска Каменица.
Честитајќи им го Денот на рударите, Ставрески рече дека ќе дојдат и подобри денови за македонските рудници, а со тоа и на рудникот „Саса“ при што апелираше освен инвестиции во производство да има и во општо добро на граѓаните и рударите на Македонска Каменица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


