| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од Груевски по повод празникот Голема Богородица

Од лично име и од името на Владата на Република Македонија, премиерот Никола Груевски, на членовите на Синодот и на сите православни верници им го честита големиот христијански празник – Успение на Пресвета Богородица.

-Празнувањето на овој ден останува вечно да говори за мајката Божја, која помеѓу сите други беше благословена на свет да го донесе синот Божји и со тоа да му подари љубов и спасение на целиот наш род. Нејзиниот живот, чистината, кроткоста, љубовта и посветеноста на Бога, остануваат вечно да зрачат помеѓу христијанското население ширум светот. Во Македонија, нејзината светост – Дева Марија останала силно да се почитува и прославува како заштитница на сите жени, молитвеница за сите идни мајки и закрилница на сите христијани. Токму затоа, прославувајќи го големиот празник Успение на Пресвета Богородица, да си споменеме за нејзиниот живот и за нејзината големина. Преку нејзиниот пример, да се потсетиме на мајчинството и на улогата на секоја жена во нашите семејства, на сета нивна безусловна љубов, трпеливост и жртва за своите чеда, за своите рожби и за својот дом. Да ги почитуваме, вреднуваме и сакаме. Да се помолиме на Богородица за милост и благодат, а Бог да ни дарува благослов, многу здравје и многу рожби во секој дом и во секое христијанско семејство. Вредностите кои се поврзани со Пресвета Богородица да продолжат да бидат основа на нашиот систем и наша водилка, инспирација и мотивација за продолжување со нашите напори за унапредување на секоја општествена сфера, и за обезбедување на подобри услови за развој на секоја индивидуа, на општеството и на нашата држава Република Македонија, вели Груевски во честитката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top