| четврток, 6 декември 2018 |

Една лоша и две добри вести за МЗТ Скопје

Повредите на Дамјан Стојановски и Гечевски не се проблем и тие ќе бидат на располагање на тренерот Пипан за мечот со Олимпија, а Николиќ ќе мора да пауза

Синоќениот пораз на МЗТ Скопје од Црвена Звезда (87-72) во Јадранската кошаркарска лига не беше проблематичен, можеби и затоа што, помалку повеќе беше очекуван, колку што грижа предизвикаа повредите на тројца клучни играчи, од кои за среќа на Аеродромци, кај двајца нема да има последици. Прегледите извршени денеска во Скопје покажаа дека кај Дамјан Стојановски нема потреба од принуден одмор по повредата на коленото, поради која во Белград одигра само десетина минути, а Тодор Гечевски бил заморен и по кусо освежување тој се враќа на тренинзи.

И бекот и центарот ќе бидат во тимот за саботниот натпревар со Унион Олимпија во Скопје, но затоа сигурно ќе го нема Урош Николиќ чија повреда на скочниот зглоб бара подолга рехабилитација. Србинот веднаш ќе биде третиран со намера да се оспособи барем за гостувањето кај Цедевита по две недели.

МЗТ Скопје од синоќа падна на осмото место на табелата во Јадранската лига со ист број бодови како и новиот противник и затоа дуелот со Словенците закажан за 2 февруари од 21 часот во Борис Трајковски може да ја предодреди целата деби сезона.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top