Неколку десетици илјади демонстранти во саботата се собраа во центарот на Вашингтон, на првиот поголем собир кој се организира во чест на 50-годишнината од познатиот марш на Вашингтон, акцијата предводена од Мартин Лутер Кинг, која се смета за пресвртен момент во борбата за еднакви права на Афроамериканците и кога славниот Кинг собра 250.000 луѓе.
Централниот собир е планиран за среда, кога треба да се обрати претседателот Барак Обама како и поранешните претседатели Бил Клинтон и Џими Картер.
На собирот, на граѓаните им се обрати Мартин Лутер Кинг Третиот, син на убиениот водач на афроамериканската заедница. Тој зборуваше од скалилата на споменикот на претседателот Абрахам Линколн, истото место од кое неговиот татко го одржа говорот познат по фразата ‘јас имам сон’.
Собирот се одржува во време кога веќе пет години на власт е првиот афроамерикански претседател на САД, но и во сенка на неколку расно поларизирачки убиства кои ги влошуваат односите меѓу белите и црните Американци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.