Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Јапонската болница „Токуда“ од идната година ќе почнат заедничка наставна програма на англиски јазик. Студентите од Медицинскиот факултет ќе одат на пракса во „Токуда“, а ќе им предаваат еминентни бугарски професори вработени во болницата.
Ова е предвидено со договорот што денеска во Софија ќе го потпишат министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на „Токуда“ Јавор Дренски.
– Програмата најпрво треба да се акредитира, процес што веројатно ќе трае четири до шест месеци, по што се очекува и нејзината конкретна имплементација, изјави Тодоров пред потпишувањето на документот.
Меѓу клучните цели од соработката со „Токуда“, додаде министерот, е оваа наставна програма да се прошири и на магистерските и на докторските студии.
– Особено е важно и сакаме што поскоро, од март 2014, да им овозможиме на нашите лекари да специјализираат во „Токуда“, напомена Тодоров.
„Токуда“ има преку 200 болници во Јапонија, а болницата во Софија е прва од отворените низ светот. Работи по највисоки стандарди, а лекува и згрижува луѓе од речиси целиот свет. Лекари од Македонија веќе се обучуваат тука, но со стартот на новата универзитетска програма соработката се подигнува на многу повисоко ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.