Професорот на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен американски пратеник на Балканот, Даниел Сервер во разговор за МИА, го образложува неговиот предлог за запирање на посредничката улога на Обединетите нации во спорот за името. Сервер вели дека сигнал од меѓународната заедница дека спорот мора да го решат Македонија и Грција, а не некој од надвор, би можел да поттикне директни разговори меѓу двете страни, објави „Канал 5“.
– Мислам дека спорот за името веќе не е толку важно прашање за Американците. Американците ја донесоа својата одлука, ја признаа Македонија под уставното име, и мислам дека другото го сметаат за работа меѓу Скопје и Атина. Имаме и Американец посредник, повеќе од 20 години, и тоа е уште еден вид посветеност. САД се решени да го одржат ова ниво на посветеност, но идејата дека ова прашање е високо на агендата на списокот на приоритети во Вашингтон не е точна.
Дали е тоа добра или лоша вест? Сигнал дека спорот за името веќе не се смета за безбедносно прашање?
– Дефинитивно веќе не се гледа како безбедносно прашање. Не сум сигурен дека било кога се сметаше за безбедносно прашање. Зависи, некои луѓе може тоа да го сметаат како добро, други како лошо. Но, како јас размислувам, прашањето е пратено назад пред Атина и Скопје, со повик дека тие треба да го решат. Американците не сакаат да бидат тие што ќе го решаваат прашањето.
Вие предизвикавте реакција со идејата дека можеби е време да се прекине посредничката улога на ОН меѓу двете земји, што очекувате од овој предлог?
– Ако посредникот Нимиц рече, видете, јас дадов се од себе, пробавме повеќе од 20 години, имаме и Времена спогодба за која е јасно дека не се имплементира од страна на Грција – останува на страните да го разрешат ова прашање. Тоа се зрели европски земји и би требало да можат да се справат со ова прашање. Мислам дека ќе има малку повеќе напредок ако меѓународната заедница се повлече назад и ги принуди Атина и Скопје директно да се занимаваат со ова.
Македонија чувствува притисок врз неа да се реши спорот, поради очекувањата дека тоа ќе донесе повеќе стабилност и економски прогрес. Но, врз Грција не се врши никаков притисок, од надвор или од внатре.
– Од домашна страна, врз Грција нема никаков притисок. Од надвор, ако Американците ја признале Република Македонија како Република Македонија, тоа е притисок врз Грција, не ни можеме да бараме повеќе. Ми се чини дека никој не сака решение на овој спор повеќе од Македонија и Грција. Јас разбирам дека некои политичари во Македонија може да речат дека актуелната ситуација е добра. Сите веќе ве викаат Македонија, освен Грците, и тоа е во ред за вас. Единственото важно прашање е Македонија да биде примена во НАТО сега, а да влезе во ЕУ во иднина. Тоа е причината зошто е потребно решение. Според мене, Времената спогодба е вистинското решение за НАТО, и би сакал кога би можел да ги убедам во Вашингтон во тоа. Но, јасно е дека Времената спогодба не е доволна за прием на Македонија во ЕУ, и мислам дека политичарите во Македонија совршено добро знаат дека ова прашање ќе мора да се реши како дел од интеграциите во ЕУ.
Гледаме во изминатиот период напредок во евро-интеграциите со приемот на Хрватска и напредокот на Србија, Црна Гора и Косово. Колку е сериозно за вас тоа што Македонија заостанува во овој план?
– Има позитивен процес за ЕУ и се надевам дека Македонија ќе биде понесена од овој процес. Јас се надевав дека Македонија ќе го води овој процес, и навистина е зачудувачки да видиме решение на спорот меѓу Србија и Косово пред да се реши спорот околу Македонија, или да ја гледаме Црна Гора дека оди кон ЕУ пред Македонија. Не можев да претпоставам дека вака ќе се случи. Мислам дека Македонија е оставена наназад. Се надевам дека и Грците и Македонците би почувствувале некаков притисок поради тоа, бидејќи Грција има огромни инвестиции во Македонија, Македонија е нејзин близок сосед и не сакате да има нестабилност во соседна земја. Мислам дека е во интерес и на Грција и на Македонија ако Македонија повторно влезе во регатата за НАТО и ЕУ, се обиде да ги стигне другите.
Дали според вас македонскиот застој создава проблеми?
– Ќе создаде некои проблеми, поради новите трговски бариери кои се јавуваат кога соседните земји влегуваат во ЕУ. Тоа не е итен проблем за Македонија. Има некои проблеми во Босна откако Хрватска стана членка на ЕУ. И затоа, зошто да не се реши овој спор, зошто да го оставиме да продолжи да биде пречка за реалниот прогрес, кој Македонија го постигна. Нималку не се сомневам во напредокот, кој Македонија го имаше економски и политички, работите се многу подобри откога првпат ја посетив пред 20 години. Но, не сакате да заостанувате, а ако не држите чекор, тогаш заостанувате.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.