На македонско-српската средба на премиерско ниво во Скопје се истакнати добрососедските односи и нивно надоградување во функција на просперитет на регионот. Посебен акцент бил ставен на можностите за продлабочување на економската и на пограничната соработка.
-Покрај отварањето на заедничкиот граничен премин за локален граничен сообраќај Голема Црцорија – Голеш, кој што се отвори пред година и половина во тек се и подготовки за отворање на нови гранични премини Лојане-Миратовац, Огут – Трговиште и Татаринец-Славујевац кои во голема мера ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните што живеат во тој регион и ќе овозможат соработка помеѓу компаниите и воопшто помеѓу сите граѓани кои што во некои прилики ќе ги користат овие гранични премини, рече Груевски.
Во однос на евроинтеграциите ,меѓу двете држави постои взаемност во очекувањата дека Европскиот Совет на следниот самит ќе донесе одлука за отворање на пристапните преговори за двете земји што ќе претставува валоризација за преземените реформи.
Покрај тоа, станало збор и за поддршката од македонската влада за проектот пловен канал Дунав-Солун, за кој како што истакнаа и двајцата премиери допрва ќе треба да се изработат студии и да се процени во колкава мера би бил исплатлив.
Што се однесува до отвореното прашање помеѓу СПЦ и МПЦ и двајцата премиери се согласуваат дека тоа не е меѓудржавно прашање, но дека ги оптоварува односите меѓу двата народи.
-Тоа не е во наша директна надлежност, како политичари, како премиери, тоа е во надлежност на самите цркви. Тие се тие што треба да го решат но ние како одговорни луѓе сме секогаш подготвени да помогнеме доколку тоа е потребно. Ова прашање не е меѓудржавно, но на некој начин ги оптеретува односите помеѓу народите, изјави Груевски.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерите нагласија дека ќе се обидат да дадат свој придонес во решавањето и на ова последно отворено прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.