Министерството за финансии ја стави на увид на јавноста целата содржина од документот што Македонија во Москва го потпиша со Руската Федерација за изградба на крак од гасоводот „Јужен тек“.
На девет страници, преку 13 члена, се утврдени деталите и обврските што секоја од страните ги има во проектот изградба на крак од гасоводот „Јужен тек“. Уште на самиот почеток на документот стои дека двете Влади се стремат за зголемување на енергетската безбедност преку стабилна испорака на руски гас за Македонија. Во членот 1 пишува:
„Страните му помагаат на проектирањето, изградбата и на користењето на гасоводот – кракот од магистралниот гасоводен систем, кој се гради од Руската Федерација преку Црно Море и териториите на трети земји за испорака на природен гас во Македонија, во секој случај, да се потврди целисходноста на проектот – гасовод – крак“.
Ова значи дека „Македонски енергетски ресурси“ и „Гаспром“ треба да извршат техничко–економска пресметка и врз основа на резултатите од анализата, заеднички да ја потврдат целисходноста од реализација на проектот, како и трасата, пропусната моќ и влезната точка, дали гасот ќе дојде преку Србија или преку Бугарија.
Двете страни регистрираат заедничка компанија во Македонија, со учество 50:50, отворена и за нови акционери. Владите треба да ѝ помогнат во обезбедувањето на потребните дозволи и да го олеснат влезот на стручњаците што ќе работат на проектот. Македонија се обврзува кракот да го прогласи за објект од национален интерес, но и да обезбеди најповолен царински и даночен режим. Утврдено е и како ќе се решаваат несогласувањата: преку консултации и преговори, а ако не успеат, ќе решава арбитражен суд.
Минатиот месец во Москва договорот го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, и министерот за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентинович Новак. Македонија, иако на почетокот не беше дел, сепак на крајот успеа да си до најде своето место во овој мегапроект. Проектот „Јужен тек“ е вреден 16 милијарди евра, а целосниот капацитет од 63 милијарди кубни метри природен гас треба да го достигне до 2018 година.
Придобивки и за компаниите и за домаќинствата
Според економските стручњаци, договорот за „Јужен тек“ ќе донесе низа придобивки за целата економија. Универзитетскиот професор Томе Неновски вели дека долго време се чекал овој договор, кој е позитивен за вкупната економија.
– Гасоводниот систем што ќе се постави ќе донесе поевтина енергетска сила, која во моментов е најевтина енергетска сила и може да ја користи индустријата, со самото тоа да се намалат нејзините трошоци и да се зголеми нејзината конкурентност во пласирањето на производите – вели Неновски.
Според него, најголемата придобивка ќе ја почувствуваат директно граѓаните, кои ќе имаат можност да се приклучат кон гасоводниот систем, кој е многу поевтин систем за загревање, па, можеби, и за ладење на домовите. Тоа ќе значи подобрена енергетска ефикасност на вкупната економија, заштеда на пари, но и заштеда на девизни резерви, кои последниве години земјава во голема мера ги користи за скапата електрична енергија.
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, кој стави потпис на договорот, вели дека ова е најзначајниот проект во енергетскиот сектор во Европа што ќе се реализира во следните години, а со потпишувањето на договорот, практично, и Македонија ќе биде составен дел на тој меѓународен коридор на гас, односно ќе има приклучок до „Јужниот тек“, што ќе донесе сигурност дека во следните децении ќе има дополнителни количини гас.
– Прво, ова е огромен успех бидејќи го подготвувавме од позиција во која Македонија не беше планирана да биде вклучена во „Јужниот тек“. Со многу работа, волја и упорност кај руската страна, успеавме да издејствуваме да бидеме вклучени и затоа е особено задоволство што дојдовме во оваа фаза да се потпише договорот. Користа ќе биде за сите граѓани на Македонија, за домаќинствата тоа ќе значи дека ќе имаат пристап до природен енергент, кој е еколошки чист и кој ќе биде со пониска цена и кој ќе може да се користи за греење и за сите домашни потреби. Од друга страна, за македонското стопанство значи можност да се приклучат индустриските капацитети кон гас, кој, исто така, ќе овозможи да се намалат трошоците за фирмите, што значи ќе останат повеќе пари за инвестиции и за работни места – вели Ставрески.
Тој потсетува дека се обезбедува и политичката поддршка на Русија во решавање на енергетските прашања за Македонија, што не е малку бидејќи половина Европа зависи од Русија во енергетскиот дел, така што со ова и Македонија станува дел од „Јужниот тек“, односно клучниот проект, кој ќе носи гас од Русија кон Европа.
Договорот е важен сигнал за руските инвеститори
Извршниот директор на „Македонско-руската стопанска комора“, Дејан Бешлиев, вели дека договорот за „Јужен тек“ дава важен сигнал за руските инвеститори.
– Ние како дел од меѓувладината комисија за трговско-економска и за научно-техничка соработка неколкупати сме биле сведоци на напорите и на преземените чекори од македонска страна за постигнување еден вака значаен договор. Во Македонско-руската стопанска комора сметаме дека придобивката не е само преку ангажирање на македонските градежни капацитети, туку и добивање искуство и знаење во еден сектор во кој, всушност, треба да здобиваме искуство – вели Бешлиев.
Според него, овој договора праќа важен сигнал до потенцијалните руски инвеститори и бизнисмените од другите земји од Европа и светот.
,, Сакам да истакнам дека Македонско- руската стопанска комора уште во 2006 година започна со активна посета на Руските региони и со презентација на македонските потенцијали пред руските стопанственици. Организацијата на таквите средби секогаш ни даваше основа за оптимизам во однос на евентуалната соработка и оваа наша практика продолжува и денеска. Многупати овие наши посети беа во соработка и со поддршка на ресорните министерства и агенцијата за странски инвестиции, а овој начин на комуникација со руските бизнисмени неминовно ќе донесе нови руски инвестиции во Република Македонија.,, објаснува Бешлиев.
Соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во последниве пет години со исклучок на кризната 2009 год е во постојан пораст. Се зголемува и различноста на стопанските гранки со кои Македонија е застапена на пазарот на Руската Федерација. Од друга страна и досега најзастапен сектор во меѓусебната размена од руска страна беа енергентите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст