Младинскиот оркестар на Европската унија синоќа во Македонската опера и балет одржа концерт, вклучувајќи се во низата културни активности во рамките на кампањата „Скопје се сеќава“, која се организира по повод 50-годишнината од скопскиот земјотрес.
Настапот на овој голем ансамбл, во кој членуваат уметници од сите 28 земји-членки на Унијата, и кој првпат гостува во Скопје, е во организација на Дирекцијата за култура и уметност со поддршка на Министерството за култура и на делегацијата на Европската унија во Македонија.
Концертот, на кој прозвучија дела од Карл Марија фон Вебер, Леонард Бернштајн и од Игор Стравински, како што истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, е само еден во низата проекти кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги поддржаа во изминатиот период и кои овозможија пред македонската јавност да се претстават најреномираните ансамбли и уметници од целиот свет.
– Веќе ги видовме оркестарот на театарот Бољшој, Израелската и Лондонската филхармонија, Рускиот симфониски оркестар, а вечерва ќе го проследиме и настапот на овој престижен Младински оркестар на Европската унија. Дозволете ми да забележам дека Република Македонија е денеска несомнено афирмирана и атрактивна културна дестинација која го провоцира вниманието на големите имиња од светот на уметноста, но и на посетителите кои се гости на нашите фестивали и манифестации – истакна Канческа-Милевска. Таа го изрази своето задоволство што од следната година во овој оркестар ќе членуваат и македонски музичари како дел од проектот „Македонија“ на Младинскиот оркестар, „Скопското лето“ и Музичката младина на Македонија. Неколку млади македонски музичари идното лето ќе му се приклучат на оркестарот на турнеја во Австрија, а се планира Оркестарот во август 2014 година да има концерти и на летните фестивали во Охрид и во Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




