
Египетските безбедносни сили уапсиле неколку државјани на Босна и Херцеговина под обвинение за тероризам и поттикнување борба против египетските власти, на кои ќе им се суди по брза постапка, објави босански „Дневни лист“.
На египетксата телевизија ОНТв биле прикажани снимки од триесетина затвореници за кои се тврди дека се членови на Ал Каеда. Овие терористи, според телевизијата биле уапсени од специјалните воени единици на Египет во Каиро, а на повеќе локации низ земјата биле фатени уште стотина следбеници на Ал Каеда на кои, ќе им се суди „по итна постапка“. Според претставник на египетските сили за безбедност, терористите биле од Авганистан, Босна, Пакистан и некои европски држави, а некои од нив нелегално пристигнале во Египет, каде се приклучиле на радикалната организација „Муслиманско братство“.
Весникот потсетува дека во последните денови во многу џамии во Босна и Херцеговина беа отслужени специјални молитви за убиените во безредијата во Египет, а во Сараево беше организиран протест на неколку стотици членови на „египетската дијаспора во Босна“, како што самите се претставија овие учесници во протестот.
Исламската заедница во Босна и Херцеговина издаде соопштение во кое остро ги осуди „бруталните и масовни убиства на граѓани во Египет“ и повика „узурпаторите под итно да го прекинат насилството и да му ја вратат власта на демократски избраниот египетски претседател Мухамед Морси“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


