| четврток, 6 декември 2018 |

Скопска фирма за производство на електрична енергија увезла гас без да плати данок од 90 илјади евра

carina

 

Трговско друштво од Скопје кое се занимава со производство на топлинска и електрична енергија избегнало плаќање царински давачки во вкупен износ од околу 5,5 милиони денари, утврдила Царината.

Според Царината, при контрола на работењето на трговското друштво кое се занимава со производство на топлинска и електрична енергија за првото полугодие од 2013 година, царинските инспектори утврдиле дека трговското друштво  увезло природен гас (метан) во количина од 1.264.102 нм3 (нормални метри кубни), односно 42.923 ТЈ (тера џули) без воопшто да поднесе царински декларации за увоз. Измамата е откриена со проверка на фактурите, актите за примопредавање на испорачан гас и извештаите за квалитет на гас на испорачателот на природен гас.

Вредноста на увезениот гас е околу 530 илјади американски долари, а со неподнесување на царински декларации за споментата увезена количина, трговското друштво избегнало плаќање царински увозни давачки во висина од 5,5 милиони денари (околу 90 илјади евра).

Моментот на настанување на царинскиот долг според кој е извршена пресметката на давачки е пресметан врз основа на Актот за примопредавање на природен гас во нм3/ден на месечно ниво за сите шест месеци, кое е утврдено со мерење и пресметка на предавателната станица, а по склучени договори за пренос на гас за секој месец одделно по денови, потпишан од трите инволвирани страни: продавачот, извршителот на пренос и примачот на гасот, потоа извештајот за квалитет на гас, во согласност со кој е утврдена и вредноста на гасот, врз основа на кои се издадени фактури со податоци за испорачаните количини на природен гас преку преносниот систем на испорачателот од Скопје.

Со неподнесувањето на увозни царински декларации, увозникот на природен гас бесправно отстранил стока од царински надзор која подлежи на увозни давачки,  со што согласно Царинскиот закон настанал царински долг од 5,5 милиони денари, долг кој  трговското друштво со Решение на Царинската управа е задолжено да го плати.

Против трговското друштво Царинската управа ќе поднесе и соодветна пријава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top