| четврток, 6 декември 2018 |

Убиени 24 египетски полицајци на Синај

egipet nemiriНајмалку 24 египетски полицајци се убиени денеска на Синајскиот Полуостров кога нивните две возила влегле во заседа на засега непознати вооружени лица, соопшти египетската полиција.

Полицајците патувале со два помали автобуси кон градот Рафа, на граничниот премин кон Газа. Медицинските власти тврдат дека три други полицајци се потешко повредени.

Засега не се знае кој го извршил нападот, но е познато дека египетските власти се обидуваат да ги уништат милитантните, исламистички групи кои почнаа да дејствуваат на Синајскиот Полуостров, по соборувањето на поранешниот претседател на Египет, Хосни Мубарак. Овие групи неколку пати минатата година киднапираа странски туристи, кои обично патуваат кон манастирот „Света Катерина“, кои потоа ги ослободуваа, по платен откуп. Безбедносни експерти веруваат дека со парите исламистите купуваат оружје и муниција.

Египетската војска и безбедносните сили повторно ја имаат контролата на Синајскиот Полуостров според мировниот договор со Израел од 1979 година.

Рафа е единствениот премин на границата кон Газа, поранешна египетска провинција, која по јунската војна во 1967 година беше окупирана од Израелците. Кога израелската армија се повлече од Газа, како дел од планот за создавање палестинска држава, појасот го презеде под своја контрола исламистичкото палестинско движење Хамас, кое и сега управува со оваа територија.

Кога во Египет беше избран за претседател исламистот Мохамед Морси, преминот Рафа кон Газа беше отворен, но набргу одново затворен, откако разните милитантни групи почнаа да дејствуваат во тој дел од Синајскиот Полуостров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top