Македонскиот поет Никола Маџиров е селектиран за една од најзначајните европски книжевни резиденции „Паса Порта“ со седиште во Брисел. Резиденцијата вклучува едномесечен престој и читање во европската престолнина следната година.
Стипендијата најчесто им се доделува на прозни автори и досега ја добиле и Давид Албахари, добитникот на Пулицер – авторот на филмуваниот роман „Часови“ Мајкл Канингам, а од македонските автори гостин бил Гоце Смилевски.
Следниот месец читање во европскиот книжевен центар „Паса Порта“ ќе има канадската авторка Маргарет Етвуд, неколкукратна кандидатка за Нобеловата награда за литература.
Поезијата на Никола Маџиров е веќе објавена во неколку белгиски книжевни списанија, а оваа есен тој ќе престојува еден месец во куќата на Маргерит Јурсенар во Франција, откако беше избран од меѓународен книжевен борд во конкуренција на стотина европски автори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.