| четврток, 6 декември 2018 |

Отворена продавница за сувенири на Богородица

kancevska

Сувенири со мотиви од Македонија од денес можат да се купат во близина на граничниот премин „Богородица“, на македонско-грчката граница. Објектот го промовираа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.

– Отворањето на објектот е одлична можност за сите граѓани и посетители на нашата земја да купат сувенири со мотиви од Македонија – истакна министерката.

Специјализирани објекти за продажба на сувенири, освен во Гевгелија, отворени се и во Скопје, Крушево, Берово, Дојран, Ресен.

Во рамките на денешната посета на Гевгелија, Канческа-Милевска ја посетија и библиотеката „Гоце Делчев“ каде во тек е процесот на конзерваторско-реставраторски работи на фасадата.

– Реализацијата на проектот ќе даде особен придонес во зачувување на архитектонско-стилските вредности на овој значаен споменик на културата кој има посебно место во историскиот развој на градот. Токму од тие причини објектот на библиотеката со поддршка на Министерството за култура се најде на листата на објекти кои се дел од повеќегодишниот проект за обнова и конзервација на повеќе фасади во значајните градски јадра – изјави Канческа-Милевска.

Низ проектот ја водеа директорите на Градскиот музеј, Емил Сламков и на Заводот за заштита на спомениците на културата од Струмица, Васил Ѓоргиев.

Градоначалникот Франгов подвлече дека библиотеката со својата специфична архитектура е особено важна и е сместена на сите промотивни материјали на општината. Конзервацијата на фасадата на библиотеката ќе бидат завршени до крајот на годинава. Во рамките на проектот чија реализација почна лани, досега се промовирани шест реконструирани фасади на значајни споменички целини на објекти на градски јадра во Крушево, Скопје, Охрид, Битола и Прилеп. До крајот на годинава, ќе се интервенира и на фасади од строградските куќи во Кичево, Кратово, Скопје и Крушево.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top