| четврток, 6 декември 2018 |

„Белите ѓаволи“ на „Белата Ал Каеда„ на Балканот се борат за исламска држава

Руско - српска пропаганда или вистинит извештај за состојбата на Балканот

Српските медиуми продолжуваат да пренесуваат руски информации за постоење терористички групи коишто сакаат да создадат исламска држава на Балканот, во која би влегле Босна, Албанија, Косово, Македонија, Јужна Србија и Црна Гора.

Тие пренесуваат информација на руско радио според кои 140 Албанци од регионот, коишто се борат во Сирија, се дел од исламистичката група „Бели ѓаволи“, кои пред да заминат во Сирија биле тренирани да извршуваат самоубиствени напади за да се олесни создавањето исламски калифат на Балканот.

Според руските медиуми, овие терористи се дел од планот наречен „Европа 3000“. Руската тајна служба доставила информација до медиумите според која на неколку локации на Балканот, меѓу кои и во Македонија, се вежбаат терористи кои се обучуваат под плаштот на хуманитарни организации, а се финансирани од шверц со оружје и наркотици.

Целта на планот е да се регрутираат Босанци и Албанци кои имаат словенски изглед за да можат полесно да се движат во САД и во Европа, без да предизвикаат сомнежи кај властите во западните земји.

Зад тој план на локално ниво, според српските медиуми, стојат исламски сили кои се дел од Алббанската национална армија, наследник на Косовската ослободителна армија УЧК.

 

Македонските власти демантираа постоење  какви било кампови за обука на македонска територија, а пред неколку дена министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, при посетата на Дебар истакна дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top