
Тодор Гечевски од денеска повторно е на паркетот заедно со соиграчите од репрезентацијата.
Со приклучувањето на Гечевски во тимот на Алеш Пипан, составот на македонската репрезентација што ќе настапи на Европското првенство во Словенија е комплетен. Првата контрола во целосен состав македонската репрезентација ќе ја има в сабота против селекцијата на Литванија во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

– Ова е мој прв тренинг со репрезентацијата. Нормално дека фотографијата од соиграчите не ме остави рамнодушен, но, во секој случај, по контактите што ги имав со членовите на националниот тим и стручниот штаб решив да се приклучам на тренинзите. Ќе ми треба време да го пронајдам својот препознатлив ритам, но ќе се трудам максимално и ќе давам сѐ од себе за да му помогнам на тимот најмногу што можам. Најважно е во наредниот период да одработиме како што треба, а дури на турнирот во Германија ќе можеме да го видиме лицето на репрезентацијата кое ќе биде најблиску до она со кое ќе се појавиме на ЕП. Верувам во соиграчите и верувам дека сѐ ќе биде добро – изјави Гечевски.
фото basketball.org.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


