| четврток, 6 декември 2018 |

Старите прашаци за перење заминуваат во историјата

По западните земји и македонските граѓани наскоро ќе можат да употребуваат компактни прашоци за перење алишта, со кои ќе штедат прашок, вода и енергија.

Новата технологија според која се произведени овие еколошки детергенти, кои набргу ќе бидат достапни и на македонскиот пазар, овозможува перење на исто количество алишта со помалку од 100 грама детергент. При перењето може да се користи ладна вода, а крајниот ефект е ист, велат потрошувачите кои веќе имаа можност да ги тестираат детергентите.

„Покрај користа за заштита на животната средина преку заштеда на вода, енергија и трошоци за транспорт, на овој начин се поддржува и усвојувањето на навиките за одржливо перење кај потрошувачите и со тоа се поттикнува одговорен однос кон животната средина”, вели Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина  на Република Македонија. 

 

Од Здружението на производители и увозници на детергенти и козметика Козмодет велат дека овие детергенти, кои се користат во сите земји членки на Европската унија, граѓаните ќе можат да ги познаат по ознаката која е задолжителна на секое пакување – Compact max.100 g. Користа од употребата на овој тип детергенти во домаќинствата е повеќекратна, бидејќи перењето на иста количина алишта со помалку вода и со помала доза детергент овозможува заштеда на енергија и на вода, а детергентите во новите пакувања се лесни за пренесување и складирање.

 

„Ги поддржуваме целите на оваа Иницијатива заради големата корист на проектот на одржливост, се стимулира заштедата и ефективноста во овој сегмент што ќе придонесе за подобра животна средина“, рече Михаил Кочубовски, претставник на Балканската асоцијација за заштита на животна средина Б.Е.Н.А во Македонија. Проектот на компактизација на детергентите претставува доброволна иницијатива за унапредување на одржлив развој која ја спроведува Здружението на произведувачи и увозници на детергенти и козметика КОЗМОДЕТ, со поддршка на Меѓународното здружение за сапуни, детергенти и средства за одржување хигиена A.I.S.E.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top