Основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж, ја нарече најавата на американскиот претседател Барак Обама за ограничување на владината програма за надзор на комуникациите еден вид на победа на поранешниот соработник на разузнавањето на САД, Едвард Сноуден.
„Денес претседателот на Соединетите држави ја зајакна улогата на поткажувачот Едвард Сноуден најавувајќи го планот за реформи на американската програма за глобален надзор”, вели Асанж во изјавата во врска со најавата на Обама во петокот.
„Денес Сноуден и неговите многубројни поддржувачи извојуваа една форма на победа”, додава Австралиецот чија изјава беше објавена вчера на страницата на WikiLeaks.
„Сноуден тврдеше дека неговата најголема загриженоста беше да ги каже информациите, а ништо да не се случи. Меѓутоа реформите добиваат облик и затоа претседателот и народот на Соединетите држави и луѓето во светот му должат благодарност на Едвард Сноуден”, нагласува Асанж.
Џулијан Асанж, кој се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон повеќе од една година од страв да не биде предаден на САД поради објавувањето на стотиците илјади тајни документи за американските војни во Ирак и Авганистан, како и тајни преписки на Стејт департментот, ги отфрли тврдењата на Обама дека неговите реформи биле планирани пред откривањето на Сноуден на масивната програма Prism на американската Агенција за национална безбедност (NSA) за следење на електронските комуникации на милиони луѓе во светот преку најголемите провајдери.
„Едноставен е фактот дека без објавувањето на Сноуден, никој не би знаел за програмите и не би имало никакви реформи”, додава Асанж.
Асанж ја обвини владата на САД за „запрепастувачко” лицемерие во однос на Сноуден додека им дава азил на илјадници дисиденти, поткажувачи и политички бегалци од земји како Русија и Венецуела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



