Едни се бореа за време на крвавите војни на Балканот во 1990-те. Други израснаа под влијание на радикалниот ислам кој ги зафати балканските земји населени со муслимани. Денеска, и првите и вторите искусни борци и нивните млади следбеници заминуваат од Балканот за да им се придружат на сириските бунтовници во првите борбени линии, анализира агенцијата АФП.
Многумина, како што наведува агенцијата, се враќаат во мртовечки вреќи, а нивните семејства не се ни свесни дека тие се приклучиле во борбите. Илир Кула, безбедносен експерт од Албанија проценува дека во изминатите неколку месеци најмалку 300 Албанци од Албанија, Косово и Македонија заминале во Сирија за да се борат во име на светата војна.
-Нивните уверувања доаѓаат од исламската вера. Тие не се трговци, туку волонтери убедени дека се борат за добри цели. Склони на религиозни манипулации дека војната во Сирија навистина е света војна – нагласи Кула.
Таен разузнавачки извештај на Косовските безбедносни служби ги опиша исламистичките екстремисти како одат во Сирија во мали групи „тврдејќи дека им помагаат на нивните браќа“.
„Тие патуваат во група од двајца или тројца за да не изгледаат сомнително“, се вели во разузнавачкиот извештај што го пренесува АФП.
Еден татко на три деца од Подујево, мал град на северот од Косово, зборувал за АФП додека ги прави последните подготовки за да тргне на патување кон Сирија.
-Ако Русија, Иран и Хезболах не се сомневаат да го бранат режимот на претседателот Башар Ал-Асад кој ги убива сопствените граѓани, зошто ние да се сомневаме дали да им помогнеме на Сиријците-вели 40-годишниот жител на Косово, кој е невработен. Исто така, како што пренесува АФП, за заминување кон Сирија се подготвувал и поранешен снајперист од Ослободителната војска на Косово. Откако поминал две недели во Алепо и ја проценил ситуацијата, тој планира да им се придружи на бунтовниците со десеттина поранешни соборци.
Посматрачите велат дека влошувањето на економската криза на Балканот и невработеноста која е над 20 отсто во повеќето земји од регионот е причина за радикализација на младите, наведува АФП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


