Во прилепската касарна „Мирче Ацев“, почнаа чествувањата по повод 12-годишнината од масакрот кај месноста Карпалак. На 8 август 2001 година конвојот со над 100 воени резервисти загинаа 10 прилепски бранители. Денеска, семејствата на загинатите, преживеаните од конвојот, здруженија, претставници ор АРМ и Касарната, од локалната самоуправа положија цвеќе пред спомен обележјето во кругот на касарната.
Прилепските бранители Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко заслужија во кругот на оваа касарна да имаат катче посветено на нив каде ќе можат граѓаните на Прилеп, а посебно учениците да дојдат, да го почувствуваат патриотизмот и да учат како се сака и брани татковината, затоа и ќе се реновира спомен собата.
Оддавајќи им почит на загинатите, заменик командантот на гарнизонот мајор Ѓорѓи Василевски нагласи дека некои датуми и луѓе остануваат вечно во историјата.
– Овие млади луѓе во 2001 година, храбро го прифатија предизвикот и се одзваа на повикот за одбрана на татковината, исполнети со помислата дека чувството на мирот и одбраната на татковината е најсветото нешто што може да го направи еден човек за својот народ, за својата земја, за своите најблиски, рече мајор Василевски.
За семејствата останува болката, а за учесниците во воениот конфликт да се исполнат правата на бранителите.
– Некои цели се исполнети, некои се во тек. Имаме доставено предлог закон до Владата и се надеваме дека ќе биде усвоен во догледно време, изјави Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“.
Утре делегација ќе замине кај месноста Карпалак каде се случи масакрот пред 12 години кога загинаа 10-те воени обврзници. Во Прилеп ќе биде положено цвеќе на гробовите на загинатите.
Главното чествување е утре на пладне пред споменикот во центарот на градот. Прилеп утре официјално ќе го открие и новиот голем споменик „Прилепски бранители“ среде кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев“ кај Основниот суд. Високиот модерен споменик ја симболизира вечноста на делата на хероите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


