Поканата Барак Обама да ја посети Москва и да учествува во преговорите со Путин и натаму е во сила, пренесуваат руските медиуми, повикувајќи се на извор од Кремљ.
За септември во Москва беше закажан самитот САД-Русија на кој требаше да се сретнат и претседателите на двете земји.
Претседателот на САД, Барак Обама, денеска одлучи да не одржи одвоена средба со рускиот претседател Владимир Путин во текот на самитот Г-20 во Москва, што ќе се одржи следниот месец.
Официјална Москва е разочарана од одлуката на администрацијата на претседателот на САД Барак Обама, да се откаже билатералната средба со претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави денеска пред новинарите помошникот на Путин, Јуриј Ушаков.
– Очигледно е дека одлуката е поврзана со ситуацијата околу поранешниот соработник на специјалните служби, Едвард Сноуден, кој ние не го создадовме, им рече Ушаков на новинарите.
И директорот на Центарот за политички информации, Алексеј Мухин, изјави дека е разочаран заради одлуката на САД.
– Наместо на таквите средби да се решаваат проблемите и несогласувањата меѓу двете држави, а во иднина да не се доаѓа до вакви ситуации, тие се откажаа од таквиот формат, рече Мухин за радио Комерсант.
Независниот политиколог Андреј Воробјов смета дека откажувањето на средбата е последица на претходните потези на САД поврзани со поранешниот сопработник на ЦИА Едвард Сноуден кога Вашингтон отворено вршеше притисок и им се закануваше на земјите кои би можеле на Сноуден да му понудат азил.
– Тие мораа да дадаат некаков одговор по сета таа хистерија, рече Воробјов во програмата на радио Комерсант.
Тој смета дека сега Москва мора да биде максимално воздржана, но кажа дека се сомнева дека тоа ќе се случи, односно дека ќе следи остра реакција од Кремљ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


