На македонските патарини може да е плаќа и со монети. По застојот во сообраќајот кај патарината на автопатот Куманово -Скопје, предизвикан од метежот при наплата на патарина, од вчера е воведена можност за плаќање и со монети и се отвораат повеќе излези во насоките каде што има најмногу возила. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вели дека во изминатите два дена имало енормен број возила, а долгорочно се преземаат активности за надминување на таквите состојби.
– Во јавноста излезе информација дека не е овозможено плаќање на патарините со евра. Тоа е овозможено, но проблем беше што не се примаа монети. Од вчера и тоа е воспоставено како можност за да не претставува застој. Исто така, овозможивме од пет можни рампи четири да се отворени за дестинацијата каде што има поголем број возила. Овие два дена имаше енормен број возила како никогаш досега во последните 15 години и затоа имаше таков застој – рече Јанакиески.
Тој додаде дека надлежните институции ја следат состојбата постојано и оти долгорочно со постапката за модернизација на патарините е предвидено проширување на патарините и воведување различни начини за плаќање, со исклучување човечки фактор. Постапката се спроведува заедно со ЕБРД и е завршена првата фаза. До крајот на годинава се очекува да биде избран оператор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


