| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоргиев: Градиме за да не плаќаме кирии

gorgievoglasЗа изградба на објектот на Советот за радиодифузија на парцелата кај хотелот „Бристол“ се запазени сите процедури во согласност со постојните закони. Овој случај не треба да се користи за политичка промоција бидејќи со негова изградба државата ќе заштеди пари кои досега се одлевале за кирии, а ќе се овозможи и работа на градежниот сектор, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

– Сите дејствија, сите процеси, сите процедури во врска со уредувањето на градежното земјиште и припремата за градба во централното градско подрачје се и ќе се извршуваат во согласност со законите. Тоа е законско право, но истовремено и законска обврска за секоја институција, независно дали е локална или централна. Овој државен инвеститор, Советот за радиодифузија, којшто треба да гради објект на дадената локација, ги има добиено сите потребни документи од страна на единиците на локалната власт за да почнат со градба. Ги има платено сите комуналии врз основа на коишто единиците на локална самоуправа имаат обврска да му го подготват целокупното земјиште за тој да може да почне со градба. Овој државен орган, СРД, во 10-годишниот период на име на кирии коишто оделе во приватни џебови има исплатено околу 3 милиони евра. Сега со градбата на овој објект тоа веќе нема да се случува, нема да имаме одлевање државни пари во приватни џебови, тие ќе имаат свој објект, а дополонително, пак, средствата коишто ќе бидат употребени за изградба на овој објект ќе одат во градежните компании и ќе обезбедат вработеност на градежните работници – го презентира Ѓорѓиев владиниот став на новинарско прашање  на денешната прес-конференција во Владата.

Како што посочи Ѓорѓиев, обврска на секоја институција на централната и на локалната власт е да ја гарантира правната и економската сигурност на секој субјект, на секој инвеститор, независно дали е државен, како во овој случај, или, пак, приватен инвеститор, којшто ги добил сите одобренија за градба, којшто ги уплатил сите комуналии, којшто планирал деловен потфат и којшто го реализира. Тој подвлече дека Владата досега покажала низ своите политики и активности дека се грижи за животната средина и за пошумувањето.

– Тоа е вистинското прашање во овој или други вакви случаи, кириите, а не отстранувањето на дрвјата затоа што во досегашниот период оваа влада докажала дека се грижи за пошумување на Република Македонија како никоја друга влада досега во изминатиот период. Има посадено околу 40 милиони садници, а дополнително во текот на октомври и на ноември ќе бидат посадени уште 5 милиони садници од коишто најголем дел, во согласност со планот на Владата, е да бидат посадени во рамки на единиците на локална самоуправа, вклучувајќи ја и општината Центар. Тоа е вистинското прашање – кириите, и одговорот е дека не треба да правиме дефокус, не треба да ги дезавоираме или пак политизираме овие настани да се искористуваат во функција на политичка промоција. Вистинското прашање е дали сите ние како општество треба да продолжиме да замижуваме и да дозволуваме државни средства да одат за кирии во приватни џебови или, пак, да се гради, да се обезбедуваат објекти за нашите институции, да се обезбедува вработеност за работниците и да се одржува економскиот раст и развојот и на градежниот сектор и на туристичкиот сектор и воопшто државниот развој на Република Македонија – рече портпаролот Ѓорѓиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top