Во потпелистерското село Трново по 42 пат ја одржаа Светската семакедонска илинденска средба. На народниот собир во дворот на црквата „Св.Богородица“ во Трново се собраа гости од државата и странство, како и иселениците Македонци кои живеат во западноевропските и прекуокенските земји. Во името на Владата заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски повика на сплотеност и обединетост, почитување и продолжување на историскиот континуитет на идеите на двата Илиндена.
– Силно го цениме делото на сите од 1903 и на сите од 1944 година, но сега ние сме на ред. Ние треба да се избориме за нашето дело и за нашата победа, за силна и достоинствена Македонија, како дел од европското семејство и на НАТО. Но, ние нема да молиме за тоа, затоа што тоа го заслуживме. Чуму ни се НАТО и ЕУ ако други сакаат да ни бидат кумови, ако други сакаат да ни го определуваат името. Ние сакаме да бидеме дел од НАТО и ЕУ, но нема да влеземе клечејќи и молејќи. Ние ќе влеземе со високо подигната глава како Македонци, потенцира Коњановски.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров рече дека доколку некој се обиде да го промени државното име Македонија ризикува дестабилизација на Балканот и Европа.
– Промената на државното име не е слобода на мислата или демократија, туку злосторство против човештвото, геноцид врз македонскиот народ и кривично дело, велепредавство кое не застарува. Кој мисли дека името може да го смени – нека проба, но ризикува дестабилизација на Балканот и Европа. Не враќајте ги гемиџиите од историјата повторно во Европа и во Македонија, нагласи Петров.
Во името на градот домаќин, во потпелистерското село Трново се обрати градоначалникот Владимир Талески. Честитајќи го Илинден, тој посочи дека за навек треба да се почитува празникот на генерациите кои што се вложиле за независна слободна и суверена Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


