Македонската репрезентација веќе неколку дена тренира во Крањска Гора, а од денеска им се приклучува и капитенот на националниот тим, Перо Антиќ. Селекторот Пипан, во изјава за веб-страницата на МКФ, вели дека подготовките се одвиваат во најдобар ред.
– Работиме на физички план. Од тренинг во тренинг ги поставуваме играта и тактиката. Атмосферата е одлична, сите играчи се залагаат максимално и задоволен сум од нивниот ангажман и од посветеноста на тренинзите – изјави Пипан.
Здравствениот билтен на репрезентативците е добар, со исклучок на Дарко Соколов, кој работи со намален интензитет поради повредата на глуждот, како и Ѓорѓи Чековски кој чувствува болка во препоните, на која се пожали на почетокот на подготовките, но тој активно партиципира во тренизите.
Македонската репрезентација до недела останува на Крањска Гора, а потоа од понеделник се сели во Хрватска, каде што на 6 и на 7 август ќе одигра две контролни средби со домашната селекција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


