Томислав Кежаровски има автомобил, вработен е, има семејство, сопруга и малолетна ќерка, има постојано живеалиште во земјава, нема често престојувано надвор од државата, не патува често во странство, немал воспоставен работен однос во странство, ниту, пак, има процедура да вади иселеничка виза. Нема блиски роднини што живеат во странство, претходно не му било судено во отсуство и нема лоша репутација – вака изгледа „личната карта“ на македонскиот новинар, кој речиси три месеци е во притвор. Според Прирачникот за изрекување мерка притвор, изработен од адвокати, професори и судии, Кежаровски не исполнува ниту еден од условите за одредување мерка притвор поради опасност да избега од земјава. Само куќата во којашто живее не се води на негово име. Сепак, има движен имот.
Може ли Кежаровски да влијае на истрагата доколку е на слобода? Досега не се излезе со никакво тврдење дека Кежаровски се обидел да уништи или прикрие докази. Текстот во „Репортер“ за кој се обвинува новинарот е објавен во 2008 година. Ниту едно лице, односно сведок, не се пожали дека Кежаровски му се заканувал. Текстот е на увид во судот и во обвинителството, така што тука се поставува прашањето има ли докази што не се обезбедени, а Кежаровски има пристап до нив? Кежаровски нема криминално досие. Во самиот обвинителен акт, до кој дојде „Република“, стои дека Кежаровски е неосудуван. Постои ли опасност да го повтори кривичното дело? Еден од показателите дека треба да му се одреди мерка притвор е дали има контакт со лица што се сторители на кривични дела од истата природа. Друг новинар на кој му се судело за издавање заштитен сведок, нема. Не се заканува со ново кривично дело, не бил осуден за дело од иста природа. Едноставно, со суспензија од извршување на работните задачи, Кежаровски не би можел да напише нов текст за овој случај, ниту, пак, за кој било друг.
Разговаравме со неговиот адвокат Филип Медарски, од кого побаравме да ни го каже судското образложение зошто на Кежаровски вторпат му е продолжен притворот. Тој вели:
– Нема образложение. Јас немам добиено ниту одговор на понудената гаранција за слободата на Кежаровски. Дека гаранцијата е ниска е мислење на Обвинителството. Како негов правен застапник, сѐ уште немам добиено решение од судот за притворот. Судот мора да испрати образложение зошто се сомнева дека обвинетиот може да се даде во бегство.
Во обвинителниот акт обвинителите нагласуваат дека барањата за укинување на мерката притвор не треба да бидат прифатени со оглед на тежината на кривичните дела, на семејните околности на обвинителите и на имотната состојба на лицата што даваат гаранција.
– Во оваа фаза од постапката со мерка гаранција не може да се обезбеди присуство на обвинетите во текот на главниот претрес. Обвинетите иако имаат понудено имоти како гаранција немаат комплетна документација или нудат гаранции во висина што е неприфатлива да се земе како основа дека со неа ќе се обезбеди нивно присуство – стои во обвинителниот акт.
За гаранцијата што ја понуди новинарот, обвинителите посочуваат:
– За обвинетиот Томислав Кежаровски е понудена гаранција во износ од 1.266.000 денари, која, како што наведов и претходно, не кореспондира со тежината на кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот и не може да се прифати дека со неа ќе се обезбеди неговото присуство.
Целиот текст за случајот „Ликвидатор“, како и детали од обвинителниот акт за Кежаровски можете да го прочитате во новиот број на неделникот Република, што од денеска (1.8.2013) е во продажба
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.