Македонскиот поет, критичар и есеист Јовица Тасевски-Етернијан, неодамна беше именуван за член на издавачкиот совет на угледното индиско научно списание „Сајбер литература“, заедно со д-р Даниел Селден од Универзитетот на Калифорнија и со познатата американска писателка со еврејско потекло, м-р Мишел Коен Корасанти.
„Сајбер литература“ е референтно списание кое излегува на англиски јазик и во него се објавуваат научно-истражувачки трудови од областа на литературата, уметноста и општествено-хуманитарните науки. Членови на редакцијата се професори од неколку индиски универзитети, а издавачкиот совет има интернационален состав. Списанието е вклучено во Директориумот на референтни научни списанија на слободен достап.
Именувањето на Јовица Тасевски-Етернијан за член на издавачкиот совет на списанието е извршено по доставените референци за нашиот автор од страна на одговорниот уредник, проф. д-р Раџендрапрасад Шинде. Со неговото именување се отвора простор за поширока афирмација на македонската литература преку оваа референтна публикација. Во новиот број на списанието е објавена книжевна студија од проф. д-р Венко Андоновски, насловена „Писател од европски постмодерен формат“, за прозниот опус на еден од најпознатите и најнаградувани македонски писатели Блаже Миневски, со посебен акцент на неговиот роман „Нишан“.
Јовица Тасевски – Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави. Го има добиено интернационалното признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителен придонес во современата поезија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Британското поетско друштво и Светското поетско друштво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


