Македонски државјанин побарал азил во САД врз основа на сексуална дискриминација. Слични барања потполнуваат уте неколку хомосексуалци, кои го чекаат исходот на нивниот претходник. – организација од Њујорк која им помага на хомосексуалците од разни држави да добијат азил во САД „Имигрантска еднаквост“ потврдуваат дека голем е бројот на хомосексуалците кои бараат можност за престој и работа во САД. Тие барале и финансиска помош, поради тоа што се чувствувале загрозени во Македонија.
– Во САД го признаваме правото на определба како хомосексуално лице како едно од основните заштитени права. Ако некој се обидува да ве повреди врз таа основа, имате право на заштита. Ако странска држава им дава заштита на хомосексуалците, како, на пример Британија или Франција, не можете да очекувате помош од САД. Но ако вашиот страв, во државата во која живеете, е објективен и разумен, а власта не направила ништо да ве заштити, може да побарате азил во САД – стои во изјавата на Арон Морис, од организацијата „Имигрантска еднаквост“, пренесена од МИА.
Се работи за непрофитна група формирана во 1994 година која им дава правна помош на ЛГБТ имигрантите во САД и на лицата заболени од сида и да лобира за нивните права пред американските власти. Оваа организација досега работела на повеќе стотици случаи на барања за азил во САД, при што велат дека, кога ќе прифатат одреден случај, имаат речиси загарантиран успех.
Според Морис, секој случај на насилство кон хомосексуалците во Македонија придонесува кон тоа барањата за азил во САД да имаат поголема шанса за успех. Тој вели дека неодамнешните напади врз ЛГБТ-клубот во Скопје и неколку негови активисти се аргументи во поддршка на ваквите барања во САД. Заштитата од напади врз сексуална определба, според „Имигрантска еднаквост“, се однесува не само на лица што живеат приватни животи, без јавно да истакнуваат дека се хомосексуалци, туку и врз тие што сакаат отворено да живеат како хомосексуалци.
Отвореното декларирање како хомосексуалец помага при овие барања. Во еден случај, „Имигрантска еднаквост“ првично не успеала да и обезбеди азил на 21-годишна лезбејка од Албанија затоа што, според нив, на претставниците на имигрантската служба им личела како хетеросексуалец. Настрана од физичкиот изглед, кој се помалку се смета за фактор во овие случаи, клучни аргументи при барањето азил се докази за напад, како полициски и медицински извештаи, но се бараат и изјави од сексуалните партнери. Развиената мрежа на правни служби за помош при аплицирање за азил во САД значи и голем број измамници – во 2009 година две лица од сојузната држава Вашингтон беа осудени на затвор поради тоа што за 4.000 долари на хетеросексуални имигранти им обезбедувале лажни докази дека имаат хомосексуални врски во САД и дека можат да бидат нападнати ако се вратат во родните земји.
Kако и заштитата одобрена врз основа на политичка дискриминација, и овој вид азил гарантира значителна помош за азилантот при сместувањето во САД.
– Азилот врз основа на сексуална ориентација носи многу поволности. Со неговото одобрување, веднаш добивате законски статус во САД, право на работа, еднократна парична помош, пристап до социјалните програми Медикер, Медикејд, додатокот за исхрана… По една година можете да побарате и трајно жителство во САД и зелена карта, а по пет години може да аплицирате и за државјанство – вели Морис. Сепак, тој предупредува и на негативните страни од барањето азил во САД.
– Ако сте во САД на временски ограничена виза и ја пречекорите, а барањето за азил ви е одбиено, значи дека ќе ве депортираат. По депортирање, повторното законско влегување во САД е многу тешко. Затоа, ако случајот за барање азил не ви е доволно солиден, подобро не аплицирајте – вели Морис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


