Четириесет деца згрижени во СОС Детско село две недели ќе летуваат во летниот камп во Калдонацо во Италија, објави „Нетпрес“. Синџирот продавници „Техномаркет“ и брендот „Индесит“ ги обезбедија трошоците за патувањето и на дечињата им доделија летни реквизити со практична намена кои ќе им го разубават престојот во кампот.
Кампот Калдонацо во Италија секоја година во својот летен камп обезбедува бесплатен одмор за околу 2.000 деца на возраст од шест до 15 години од СОС Детските села низ светот, како и од останати организации за згрижување и заштита на деца во ризик. СОС Детското село од Македонија оваа година по втор пат аплицираше за посета на кампот и успеа да обезбеди 20-дневен бесплатен одмор во кампот за децата и едукаторите кои ќе се грижат за нив.
– Оваа година успеавме по вторпат да испратиме дечиња во летниот камп Калдонацо во Италија. Благодарност на компанијата „Техномаркет“ и брендот „Индесит“ кои ги обезбедија трошоците за патувањето и со тоа им го исполнија сонот на дечињата од нашето здружение – изјави Јулијана Гапо, директорка на СОС Детско село.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


