| четврток, 6 декември 2018 |

Балканскиот шампионат во одбојка на песок „Скопје 2013“ почнува денеска

Првиот Балкански шампионат во одбојка на песок за сениори во машка и во женска конкуренција „Скопје 2013“ ќе почне вечер на игралиштето на Градската плажа 1 „Парк“

500odbojka-na-pesok

Организатор е Одбојкарската федерација на Македонија, а покровител е Град Скопје. Tурнирoт ќе биде во знакот на сеќавање на 50 години од скопскиот земјотрес. Првенството ќе трае до сабота, а ќе го отвори градоначалникот Коце Трајановски.

Натпреварите ќе се играат од 10 до 13 и од 17 до 22 часот, на двете игралишта за песок, а дополнително има уште едно помошно одбојкарско игралиште.

Скопјани ќе имаат можност да ги видат најдобрите балкански натпреварувачи во одбојка на песок.

Според Одбојкарската федерација на Македонија, ова ќе биде најпосетен официјален балкански шампионат во сениорска категорија. Ќе учествуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција.

Од Македонија ќе настапат Јовица Симовски и Филип Деспотовски, Александар Милков и Влатко Трајчевски. Од жените Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска, а наскоро ќе се добие и вториот пар.

Македонија оваа година првпат влезе во календарот на Балканската и на Европска одбојкарска конфедерација. Од овој турнир првите натпреварувачи ќе земат и бодови за понатамошно годишно рангирање  на табелата на Европската одбојкарска конфедерација.

Првпат годинава има вкупен награден фонд од 3.500 евра делба за првите три места во машка категорија и 3.500 евра во женска категорија. Од натпреварите ќе се врши директен пренос на МТВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top