| четврток, 6 декември 2018 |

Западно-нилска треска во Македонија

комарец57-годишна пациентка боледува од западно-нилска треска, соопшти Министерството за здравство по информацијата од Институт за јавно здравје за лабораториска потврда на овој прв случај.

– Пациентката не патувала надвор од државата, а симптомите на болеста започнале со висока температура и силни главоболки. Лекувана е кај матичен лекар, по што била упатена и хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје. Во моментов, пациентката е во добра општа состојба и ја прима потребната терапија – се вели во соопштението.

Станува збор за заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот западен нил. Кај најголем број заболени, болеста може да помине без симптоми, додека кај помал дел од заболените се јавува висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор. Кај еден процент може да се јават посериозни компликации како воспаление на мозокот.

Најдобра превентива е користење креми и средства против комарци, како и  дезинсекцијата на јавни површини.

– Над 60 проценти од општините веќе реализираа акции за прскање против комарци (теристичко или авионско), а во останатите општини активностите се во тек и континуирано се спроведуваат. Во текот на оваа недела и претстојниот викенд, во координација на Министерството за транспорт и врски ќе биде спроведена поширока акција за авионско прскање во туристичките места – Охрид, Дојран, Ресен, Крушево, Берово, Чешиново-Облешево – велат од Министерството.

Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со ова заболување во Македонија и ги презема потребни мерки  за превенција, навремена дијагностика и лекување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top