Кога јавното здравство не може да им даде помош, а пациентите кои имаат потреба да се лекуваат во странство на државна сметка во иднина ќе плаќаат партиципација од најмногу 200 евра.
На последната седница Владата ја усвоила мерката со која пациентите учествуваа со 20 проценти од трошоците, а од први јануари годинава ќе плаќаат најмногу 12 илјади денари за лекување во странство.
Целиот друг болнички трошок, колкав и да е, го плаќа државата, информира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев вели дека во постапките за остварување на ова право во прв степен одлучува директорот на ФЗО врз основа на мислењата на првостепена односно второстепена лекарска комисија за лекување во странство. Против решението донесено во прв степен, осигуреното лице има право на жалба до УО на ФЗО во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.
– Новина е формирањето на работна група од ФЗО од стручни лица кои за секое лекување изготвуваат резиме на комисиите, во кое дава осврт на сегашната здравствена состојба на осигуреникот, како и минатите заболувања и неговиот третман во здравствените установи во Македонија, како и комисија за стручен надзор од одделни медицински дејности во Министерството за здравство, што ќе е од помош за процесот, и ќе овозможи механизам со кој ќе се обезбеди соодветно користење на средства и нивна алокација на лицата на кои им се најпотребни, рече Ѓорѓиев.
Според Ѓоргиев доколку некоја интервенција нема да може да се обезбеди во јавно здравство, ФЗО ќе испрати понуда до приватните болници, и доколку тие може да ја извршат, тогаш пациентот нема да треба да оди во странство затоа што услугата ќе ја добие во Македонија.
Поради мерката за партиципација од најмногу 200 евра е зголемен буџетот на Фондот за 2013 година. Досегашниот буџет изнесуваше 150 милиони денари, а за годинава се планирани дополнителни 80, со што буџетот за годинава ќе изнесува 230 милиони денари.
Според анализите , годишно можноста за лекување во странство ја користат од 200 до 400 лица.
Од почетокот на 20013 за лекување во странство во ФЗО се пријавиле помалку од десет лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.