Снимањето на македонскиот филм „Деца на сонцето“ привршува. Оваа недела се снима на урбани локации низ главниот град, а една од поинтересните локации беше снимањето во кафулето „Кај мајка ти и татко ти“ на улицата „Аминта Трети“, поточно поранешна „Ленинова“. На сетот покрај добро познатите актери како Сашко Коцев, Александар Микиќ, Мартин Мирчевски, беше и битолчанецот Кире Ѓоревски кој го игра главниот лик Марко.
Режисерот Антонио Митриќески истакна дека за време на снимањето не сакал да губи напразно енергија на непотребни ситници, кои и онака однапред знае дека ќе отпаднат во монтажата на филмот, па затоа работи многу брзо и е отворен за каква било соработка со остатокот од екипата.
– Подготвен сум да прифаќам совети, доколку се корисни. Филмот е колективна уметност, а не дело на режисерот. Со директорот на фотографија Шода сме одличен тим за цело ова време и додека снимаме и двјацата сме напнати и целосно предадени. Таа корисна напнатост го електризира духот и со самото тоа ги оживува актерите пред камерата. Така, сите во екипата почувствуваа дека ова не е само уште еден филм, туку проект во кој сите имаат важна и неповторлива улога. Отсекогаш сум сакал да има конфликт меѓу ликовите, а тој е посилен кога станува збор за кофликти во една фамилија. Затоа „Деца на сонцето“ е портрет на едно семејство. Сепак, добро снимените материјали не значат ништо сами по себе. Како ќе изгледа комплетно спакуван филмот ќе оцени публиката. Моите два предходни филмови ги гледав со очите на мојата душа, а во овој филм повеќе обрнувам внимание на човечките карактеристики на кои работев студиозно за да бидат оживеани и претставени веродостојно – додаде Митриќески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


