| четврток, 6 декември 2018 |

Притвор од 30 дена за поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски

Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК, Владимир Атанасовски, поради инволвираност во настаните од 27 април во Собранието на Македонија.

Притворот му е одреден на предлог на обвинителството. Атанасовски ноќеска е приведен и однесен на распит во Кривичниот суд.

– Постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик. Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор, соопшти ЈОРМ.

Обвинителството за организиран криминал и корупција побарало притвор врз три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.

Атанасовски беше посочен од обвинетите за „27 април“ Стефан и Михаил Младеновски и од Захарие Симовски, како еден од организаторите на упадот во Собранието и како нарачател на насилства врз припадници на тогашната опозиција.

Владимир Атанасовски беше назначен за директор на УБК во септември 2016 година по оставката на Сашо Мијалков. На директорското место во тајната полиција остана до јуни 2017 година.

Атанасовски досега не беше опфатен со истрагата и судската постапка за настаните од 27 април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top