| четврток, 6 декември 2018 |

Mинистерот за култура Адеми на Третата светска конференција за туризам и култура која се одржува во Турција

Во рамките на посетата на Република Турција, министерот Адеми ќе присуствува и на отворањето на изложбата на артефакти од Музејот на Град Скопје и концерт на ДУО Скупи, настан кој е во организација на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Истанбул

Министерството за култура на Република Македонија информира дека во периодот од 3 до 5 декември 2018 година, министерот  Асаф Адеми присуствува на Третата светска конференција за туризам и култура, „За доброто на сите“, која е во организација на Владата и Министерството за култура и туризам на Република Турција, Светската туристичка организација  и УНЕСКО.
На овој настан присуствуваат високи претставници од Светската туристичка организација, УНЕСКО, министри и заменици-министри за култура од повеќе делови на светот, претставници на Светската банка, на приватниот сектор и други еминентни гости.

Во рамките на конференцијата, пред форумот на министри, претставници на повеќе земји министерот Адеми, денеска (3 декември), ќе има и свое обраќање на тема: Зацврстување на соработката меѓу чинителите во туризмот и културата.

На маргините на Конференцијата, Адеми ќе оствари и билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој како и со неговите колеги од земјите-учеснички на овој значаен собир.

Во рамките на посетата на Република Турција, министерот Адеми ќе присуствува и на отворањето на изложбата на артефакти од Музејот на Град Скопје и концерт на ДУО Скупи, настан кој е во организација на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Истанбул.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top