| четврток, 6 декември 2018 |

Фрчкоски за Андов: Кој е ова гомнар?

Не ми е јасно, драги мои, навистина и покрај сериозен напор во согледба на човечките падови, кризи на возраста и на потсвесните его-трипови – да раберам како успеваат старите политичари пишувајќи мемоари да направат будали од себе?

Вака својата Колумна „Шушумига“ посветена на поранешниот претседател на собранието Стојан Андов ја започнува Љубомир Фрчкоски по обвинувањата на Андов упатени на сметка на Фрчкоски, објевени во неговата нова книга „Пред атентатот и по него“, дека тој е виновникот за атентатот врз претседателот Киро Глигоров.

-Стојан посветил книгаипол на мојата дребност, еднаш како разнебитување на „моите обиди“(??)наслована „Обидите на Љубомир Фрчкоски“ а потоа попат, но отровно во томот за атентатот на Глигоров и по него.

Ако имав скрупули и обѕири да не ги коментирам или сведочам одлепените тези од Мемоарите на Глигоров за куферчето (земајќи предвид дека Стариот имал селективна меморија или шмелцувал и преспојувал различни настани еден преку друг за настан за кој има на голем број сведоци за и околу „куферчето“ кои може да бидат повикани да дадат сведочење и да ја разнебитат таа „меморија“, а земајќи предвид дека меморите се пишувани од неговите соработници, но највеќе и пред се поради мојата историја со Глигоров и респект кон него) такви скрупули не ме држат да ја оценам улогата на Стојана Андов за поновата македонска историја и неговите shitty „сеќавања“ приопштени во кобасичните мемоарски записи.

Стојан Андов е политичар од видот кој татко ми го нарекуваше ШУШУМИГА! Тип на личност кој во политиката е изразит опортунист, кој нема своја интегрална позиција ниту интегритет, туку се снаоѓа, маневрира и ги игра позициите на моќ во овој случај на левицата и центарот на политичкиот спектар во Македонија од независноста. Негово поле на работа се протегаше од партијата на Анте Марковиќ во почетоците на деведесетите, па групата т.н. либерални партии како коалициони партнери на СДСМ па до персонални односи со Глигоров. Инструмент за тоа шушумигање му беше позицијата на Спикер на Македонскиот Парламент која релативно долго ја имаше.

Ретроспективно тоа нему му се чини низ овие кобасични мемоарски записи (се обидува така да го претстави) како позиција на „мудрец или мудросер“ од страна, во позадина кој ги влечел конците на клучните политички одлуки и ги знаел актерите на сите афери, советувајки други истурени играчи (кои ризикувале) но кои биле недоветни и несвесни за сложената конспирација низ која Стојан ги водел и во истата имал увид. Еден вид на презрива итарпејовштина, архитип на македоската умност и бивање умен.

Сите кои знаат нешто од тогашната политика на левицата и во Македонија добро знаат дека Андов Стојан не беше фигура со која за било што се преговара и договара. Тој беше и остана до крај човек за „спотер“, имено политички играч за спроведување на донесените одлуки, во кои кај некои заради мазно спроведување му се даваше илузија на учество.

Од таму драмолетни се секвенците од мемоарите каде он прикажува настани, состаноци со лица (како оној со Владо Ралев на бреговите на Женевското езеро во прегрст на поткастрените винородни женевски лозја каде во еден драматичен момент Ралев му пренесувал сложени криптирани пораки и закани од мене белким, а Стојановата традиционална внимателност и вербална еквилибристика му помогнала на Итриот Пејо-Стојан да се измолкне и дури да врати со контра-порака… Абе Агата Кристи чиниш се одвива… на страниците каде трилер-стојанов се твори). Секој кој бил актер во тогашната политика, па и млад како мене знаеше дека на Стојана Андова немаше потреба никакви пораки да се праќаат, посебно не криптирани. Него му се кажуваше што да стори или се „тераше“ ако мрчи! Ние што бевме помлади ни беше непријатно да го тераме јавно па остававме Киро тоа да го стори. Но во ниту еден момент кај Стојана освен потреба од уважение, немаше ништо супстанцијално со што би се преговарало, слушало, договарало или земало предвид. Тој беше инструмент – кој мрчи и беше како таков третиран, малку со поголем такт и трпение главно од Киро Глигоров (другите го игнориравме).

Ниту во Декларацијата за Независнот, ниту референдумското прашање, да не зборувам за Уставот, Стојан имаше било што значајно да каже, освен да ги спроведе. Сите се создадоа на други места од други луѓе. Стојан беше тогаш, како и сега, шушумига на вистинското место. На Уставната комисија беше како „лажица за кондури“ кога дојдоа прашањата за граѓански или национален Устав, или албанските права или Преамбулата. Глумеше позиција на либералите за парламентарна демократија без позиција на Претседателот каква сега ја има, но немаше „муда“ таа да ја спротистави ниту аргументи зошто би ја противставил ни на нас, пишувачите на Уставот на седница на уставната Комисија, а се плашеше Киро да не му се налути за тоа па сви опаш веднага.

Единствена улога на која ја се сеќавам на Стојана е радост и буткање на падот на експертската влада на Кљусев. Но таа падна секако кога СДСМ мнозинството одлучи да создаде друга политичка влада, а радосен Стојан беше колатерален добитник.

Не беше еднакво среќен кога СДСМ одлучи да ја раскине коалицијата со Либералите, кои се однесуваа како да се опозиција, а беа во власта (несакајќи да преземат одговорност за владеењето) и ме обвинуваше мене и Бранко за креација на атмосферата за нивно исфрлање и плачеше кај Киро во неврат. Но во тој момент се сруши се за опортунист како Стојан Андов. Одеднаш исчезна во основа од политичката сцена целосно. Секој континуитет кој го создава и замислува всушност го нема. За ништо понатаму, бидејки за ништо и претходно кога беше на власт не беше релевантен.

Во време на Атентатот на Киро, за тој трауматичен момент за нацијата и сите нас, посебно оние кои беа блиски до него – Стојан беше скандалозна невкусна, драма. Него само го памтиме како влетувач во кабинетот и фотелјата на Киро, следниот саат после атентатот кога сите бевме во шок и растрчани по болници и како разговара со Милошевиќ, а овој му нудел помош околу атентатот. Но тоа Жана Османли најдобро го знаеше.

Сега малку за монструозната на конструкцијата околу атентатот на Киро Глигоров, наговестена, меѓу редови како и за можните атентатори. На тој меѓник е втиснат сиот гнев сета беда и сета освета на овој лик, кон сите други кои би можеле да бидат сведоци за претходната дребност на неговата улога во политиката на независна Македонија.

Целата конструкција и злоупотреба со оваа траума за нацијата Стојан ја насочува на лични освети и импутирања сомнеж и конспирации. Во таа смисла е тоа монструозен безобѕирен гест независно каква амбиција стои зад тоа. Андов вели дека Киро на некој состанок му рекол дека него го спрема за свој наследник…и само тој можел да ја чува Македонија (бре Стојане, бре стопане селски…. која е оваа приказна???) и дека насетувајки го тоа, а од омраза и страв од Стојан „младите лавови во СДСМ“ (белким јас Бранко и не знам можеби Ханџиски) решиле да преземат акција… барајки оставка од Киро (на некој состанок на Водно, со тајна намера веројатно Ханџо да го инсталираме за Претседател, бидејки јас немав години за тоа тогаш, па не може мене да ми ја залепи и таа амбиција)!? За потоа, Стојан да сугерира дека незадоволни од одговорот на Кирота сме тргнале во акции на можни ликвидации!!?? Па него сообраќајка сме му сместиле, во која тој секако едвај преживеал. Па во атентатот на Киро сугерира дека е можно да сме вплеткани. Па јас не сум дошол на некој состанок кај него по атентатот (кога Милошевиќ му понудил помош? Најде кој да му нуди помош), а дека сум бил во Крива Паланка (со сугестија за контакт со некого таму од конспираторите)…Како вели во болната фасцинација од мене и мојата „тогашна моќ“, а во дијалогот со Владо Ралев на Женевското езеро цитирам: Фрчкоски може секого да убие, мене, Претседателот кој и да е???

Па, јебига, неможе да се следи оваа заебанција на Стојана од трилерски напон во неа. Кој е ова гомнар? Која конструкција и импутација е подготвен да направи заради своја ситна одмазда кон луѓе од кои е веројатно фасциниран? До каде може да оди со своите злобни фантазии!
Неверојатно ! Пишува во својата колумна професорот и поранешен министер на МВР, Љубомир Фрчоквски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top