| четврток, 6 декември 2018 |

Недела на современ израелски филм во Кинотека на Македонија

Во рамките на културната манифестација „Недела на современиот израелски филм“ од 3 до 7 декември 2018 година, ќе се одржи филмска проекција на „Слаткарот“ (6 декември) со почеток во 20:00 часот (105 минути), а билетите се бесплатни.
После проекцијата на филмот ќе се одржи получасовна модерирана дискусија за „квир-темите во македонската филмска продукција“ со Шалом Константино и режисерите Ана Јакимска, Игор Иванов – Изи, Вардан Тозија и Даријан Пејовски, а улогата на модератор ќе ја има новинарот Васко Маглешов. Некои од прашањата кои ќе ги поразговараме со гостите се: Зошто македонските режисери срамежливо или воопшто не ги допира квир кинематографијата? Дали постојат и во кои македонски филмови на суптилен начин или на микро ниво се разработува тема од животот на ЛГБТ заедницата? Каде е македонската кинематографија наспрема европската во овој контекст?

Бесплатните билети може да се набават на билетарницата на Кинотека на Македонија надоцна 30 минути пред филмот. Капацитетот на киносалата е 136 седишта. Со оглед на тоа дека станува збор за еднократна филмска проекција, подигнете ги билетите навреме.

„Слаткарот“ бележи 18 награди и 12 други номинации на реномирани филмски фестивали ширум светот. Прогласен за „најдобар филм“ на овогодишното доделување на Наградите на израелската филмска академија кои се сметаат за израелски еквивалент на Оскарите, „Слаткарот“ е официјалниот кандидат на Израел за категоријата „најдобар странски филм“ на претстојните 91. Оскари во 2019 година.

Томас, млад германски пекар, има афера со Орен, женет Израелец, кој често патува во Берлин поради бизнис. Кога Орен ќе загине во сообраќајна несреќа во Израел, Томас патува во Ерусалим за да најде одговори за неговата смрт. Под измислен идентитет, Томас се инфилтрира во животот на Анат, вдовицата на неговиот љубовник, која е сопственик на едно кафуле во Ерусалим. Тој почнува да работи за неа – прави германски торти и колачи, кои ќе го вратат во живот нејзиното кафуле. Томас се вклучува во животот на Анат на начин на којшто воопшто не очекувал и за да ја скрие вистината, ја проширува лагата до граници од каде што нема враќање.

Покрај овој филм, на Недела на израелски филм ќе бидат прикажани и „Врвки“, „Нула мотивација“, „Спасувајќи го Нета“, „На мапата“, „Сирискиот пациент“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top