| четврток, 6 декември 2018 |

Поразителна слика: Угинаа 145 делфини откако се насукаа на брег

Јато од 145 белогрбни делфини се насукаа на брегот на островот Стјуарт на Нов Зеланд и сите угинаа, јави Би-Би-Си.

Насуканите тела на животните ги забележал случаен минувач, кој шетал по плажата Мејсон Беј.

Властите информираа дека половина од делфините умреле во текот на ноќта меѓу сабота и недела, додека останатите ги успале, бидејќи било невозможно да бидат спасени.

– Веројатноста за успешно враќање на делфините во море беше исклучително мала, изјави Рон Лепенс од локалниот Оддел за конзервација, чија функција е зачувување на историското и природно наследство на Нов Зеланд.

– Се насукале на најоддалечената локација. Веќе угинуваа, а нам ни недостасуваат вработени. Најдобро што можевме да сториме за нив беше евтаназија. Но тое е секогаш, ама секогаш, многу тешка одлука, истакна Лепенс.

Во извештајот на Одделот за конзервација се наведува дека на НОВ Зеланд често се насукуваат делфини и китови, во просек 85 пати годишно. Сепак, најчесто станува збор за еден припадник на видот, а не за цело јато.

Китовите и делфините се насукуваат поради болест, потешкотии при навигација, морски струи или поради тоа што ги прогонуваат грабливци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top