| четврток, 6 декември 2018 |

Филипче ги најави приоритетите за здравството во 2019

Буџетот за здравството за наредната година ќе изнесува 6,3 милијарди денари, што е за 300 милиони денари повеќе од оној за годинава, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција на која го презентираше буџетот за наредната година.

Стратешка цел за наредната година, како што рече, се набавка на инсулинот, вакцини и лекови за ретки болести, медицинска опрема, подобрување на инфраструктурата, завршување на капиталните проекти и почнување на припремните работи за новиот Клинички центар во Скопје и новата градска болница во Општина Аеродром.

Тој најави и дека ќе продолжи и зголемувањето на платите и тоа за 10 отсто за лекарите специјалисти и 5 отсто за медицинските сести во јануари годинава. Останатите здравствени работници зголемување од 5 отсто ќе добијат од септември наредната година.

  • Ова се со цел да го подигнеме квалитетот на здравствената заштита и да го подобриме пристапот до неа за сите наши граѓани – рече министерот Филипче.

Тој информира дека во новиот предлог буџет има предвидено средства за капитални проекти, кои предвидуваат подобрување на инфраструктурата, завршување на градежните активности на реконструкцијата на болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, продолжување на градежни активности во општата болница во Струмица, завршување на градежни активности за бункерот за линеарен акцелератор во „8 Септември“ во Скопје.

Исто така најави дека идната година ќе се гради нова болница во Струга, како и ќе започне реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лкеување и подготвителни активности за новата градската болница во Скопје. Се планира и довршување на Клиничкиот центар во Штип и започнување на подготовки за изградба на новиот клинички центар во Скопје. За ова се обезбедени средства во висина од 587 милиони денари. Дел од средствата ќе се користат и за интервентни градежни активности во сегашниот Клинички центар.

Во буџетот има предвидени 73 милиони денари кредитни средства од италијанската Влада за опрема за јавно-здравствените установи, а од програмата на МЗ за оваа намена се планирани 266 милиони денари. Покрај за опрема ќе има средства и за воведување современи дијагностички методи.

Во Програмата за превенција на кардиолошки заболувања се предвидени 33,7 милиони денари за ангажирање странски хирурзи кои ќе ги вршат хируршките интервенции, но ќе работат и на едукација на ретки болести. Во буџетот се предвидени и средства од 380 милиони денари за лекови за 20 ретки болести што како, што рече Филипче е за 156 милиони денари поголем од минатата година. Зголемување на буџетот има и за средствата за имунизација и тоа од висина од 30 отсто, а планирана е набавка и на две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус.

Ќе се проширува и програмата ослободување партиципација. По завршувањето на социјалните реформи и воведување минимален гарантиран доход, околу 73.000 лица корисници, ќе бидат ослободени од партиципација. Со новиот буџет ќе се набавува и инсулин, за што се предвидени 692 милиони денари и за првпат годинава, како што рече Филипче, нема да има инсулин од паралелен увоз.

Во врска со Итната медицинска помош тој вели дека е свесен оти во нејзината работа таа се соочува со проблеми и тоа не само во делот на недостигот на возила, туку и кадар. Затоа, потенцира, се планира набавка на дополнителни возила и прием на нови здравствени кадри со што ќе се унапреди нејзината работа. Од 12 веќе нарачани возила за Итната медицинска помош, шест ќе бидат распределени во Скопје, а шест во останатите градови низ Македонија каде состојбата е најкритична.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top